На 17 декември, во Startup Club Skopje, НВО Новинари за човекови права успешно го организираше третиот годишен настан „Стопли детско срце“ – Донаторско кафе, во рамките на проектот „Зајакнување на иднината“, поддржан од Австриското Министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачите.
Благодарение на заедничките напори на граѓаните, партнерите и општествено одговорните компании, на настанот беа собрани над 100 новогодишни пакетчиња за децата во ризик и 70 билети за „Зимзоленд“, кои ќе овозможат празнична радост за многу семејства.
„На децата им е потребна грижа и поддршка 365 дена во годината,“ истакна г. Хамза Амети, директор на Центарот за социјална работа во Скопје. „Преку хуманите граѓани, компании и организации, и со поддршка на нашиот Центар, успеваме да организираме вакви активности и проекти кои прават разлика во животите на децата и нивните семејства.“
Проектот „Зајакнување на иднината“, кој започна во октомври 2024 година, има за цел да обезбеди холистичка поддршка за децата и семејствата во ризик. „Во јуни 2025 година планираме да отвориме дневен центар за деца и семејства во централното градско подрачје. За ова сме бескрајно благодарни на г. Хамза Амети, кој ја препозна важноста на проектот и преку Центарот за социјална работа обезбеди простории кои моментално се реновираат и адаптираат,“ изјави координаторката на проектот, Андреа Накова.
Таа додаде: „Новинари за човекови права веќе трета година по ред го организира донаторскиот настан „Стопли детско срце“ во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Свесни сме дека за лицата – особено децата во ризик, ова не е единствениот период кога имаат потреба од поддршка и внимание. Ова е само мал чекор за подигање на свеста кај граѓаните и општествено одговорните компании, со цел нивно понатамошно вклучување и ангажирање 365 дена во годината.“
На настанот се обрати и г. Харалд Фугер, аташе за социјални работи на австриската амбасада во Македонија, кој истакна: „Важно е да се обезбеди целосна поддршка за ранливите категории, особено за децата. Соработката меѓу институциите и невладиниот сектор е клучна за постигнување на одржливи решенија за овие проблеми.“
„Стопли детско срце“ уште еднаш потврди дека со заеднички напори можеме да направиме значајна разлика во животите на децата кои имаат најголема потреба од помош. Благодариме на сите што учествуваа и придонесоа за успехот на овој хуманитарен настан.
За повеќе информации за проектот „Зајакнување на иднината“, контактирајте нè на empoweringfuturesjhr@gmail.com.