Екосан тоалетите и идејата за одвојување на урината постои одамна. И човечкиот организам ги исфрла одвоено урината и фецесот. Во рамките на проектот: Суви тоалети – Намалување на хемикалии и контаминација на извори на вода за пиење во рурални средини во Македонија, БиХ и Албанија предвидено е да се изградат три тоалети. На кик оф митингот кој се одржа во Минхен, Германија од 10-11. 06. 2015 г. членови на невладините организации Еко форум од Босна, Жени во развој од Албанија и Новинари за човекови права од  Македонија се запознаа со основните начела на Екосан тоалетите. Домаќинот WECF кој е партнер во проектот презентираше примери и практики од земјите во кои се користи Екосан. На првата средба во Минхен се договори динамиката на проектот, временската рамка и задолжителната студиска посета во Молдавија. (Иако овие тоалети се користат и во Шведска, Данска, Германија и др.).
По истражувањето и изборот на местото за изградба на Екосан тоалетот, следуваше посетата на Молдавија. Претставник на НЧП Филип Спировски и на Институтот за јавно здравје од Скопје Гјултен Зендели, три дена се запознаваа со добрите практики во користење на Екосан. Во Молдавија, во домовите во рурални средини има повеќе од 200 екосан тоалети и триесетина во училишта и јавни институции.
Предностите на овие тоалети во однос на полските клозети се бројни: не се загадува почвата, нема опасност од загадување на извориштата на питка вода, нема непријатна миризба, нема непотребно трошење на вода. Ако се знае дека организмот на човекот во просек исфрла 50 кг. фецес и 500 л. урина, а за ова тоалетите со казанче трошат 12.000 литри вода, тогаш евидентни се загубите на вода. Она што е важно да се каже е користењето на урината и фецесот во земјоделието (во бавчите). Урината е богата со азот (53%) и со разредување и соодветно третирање може да се уоптребува како ѓубриво. Фецесот во овие тоалети е подложен на сушење. Целта на сушењето е да се уништат патогените и паразитите. Тоа се прави со посипување со пепел или струготини од дрва или пак друга сува материја. После период од една година и ова претставува ѓубриво погодно за земјоделието. Негативна страна од употребата на Екосан е потребата од повремено техничкото манипулирање со урина и фецес кое треба да биде направено претпазливо за да не дојде до контаминација и несакани последици.

ekosan_w2   PowerPoint-Präsentation
Согледувајќи ги предностите на Екосан НВО НЧП која е имплементатор на проектот во Македонија, започна со градба на тоалетот во село Јаболци, општина Сопиште, на 25 км. од Скопје. Со поддршка на општината се одржаа две работилници на кои се презентираше проектот. Посебен акцент беше ставен на компостирањето. А беа објаснети и причините дали овие тоалети се корисни за земји како Македонија која има 95% покриеност на територијата со чиста вода.
Градбата на тоалетот беше реализирана со техничка и стручна помош на г. Сергиу Андреев од Молдавија, г-ѓа Клаудија Венланд од Германија, г-ѓа Бистра Михајлова од Бугарија, г. Златан Алибеговиќ од Босна градежната компанија Цвет од Скопје, како и г-ѓа Азра Кадиќ од НВО Еко Форум од Зеница, Босна и г-ѓа Фиорела Плани од НВО Жени во развој од Скадар, Албанија.
За градбата беа употребени 150 цигли 16х20х40; 150 гитер цигли 6х12х20; 30х50кг. вреќи цемент, 10 м3 песок; арматурна мрежа 3мх2м; клинци; дрвена оплата; лим и железо за покрив; 3 лимени врати за магацините; една лимена врата за тоалетот 800х2000.
Завршувањето на работите во с. Јаболци, каде се наоѓа Екосан тоалетот се планира да заврши до март 2017 г. со формирање на градина, садење на дрва, оградување на место за компостирање и обележување на показна пречистителна станица за нечиста вода. Со ова Скопје и Македонија ќе добијат уште едно место за еколошка едукација.