Илијана има 13 години и е седмо одделение. Живее во село кое е 12 километри оддалечено од Скопје, заедно со нејзините родители, бабата и трите сестри на возраст од 10 до 17 години. На денот на нашата посета, таа не беше на училиште, везеше… Нејзината баба, Перса, тивко, за да не слушне внуката, ни кажува дека не е на училиште бидејќи вчера „добила“.

– Не ја пуштив на училиште денеска – објаснува бабата – немавме влошки, а не е убаво да оди и да крвари… Вака, дома нека седи… да не и’ се смеат децата во училиште, оти весниците што ги употребува за заштита може да пропуштат. Дома си е дома, што и да се случи, ќе се замие.

Таа објаснува дека ова е случај со сите четири внучки, бидејќи не се во можност да купат хигиенски влошки за сите. Само за мајката мора да има, затоа што таа мора да оди на работа, бидејќи во моментов е единствената која носи дома приход. Таткото на децата е невработен, а бабата има минимална, земјоделска пензија што ја наследила по смртта на сопругот.

Ова е само еден од многуте примери.

Од резултатите добиени од истражувањето направено од страна на Новинари за човекови права, (НЧП), спроведено во периодот од 3 април до 20 мај оваа година, може да се заклучи дека имаме проблем со управување со менструалната хигиена (УМХ), а тоа се гледа од податокот кој вели дека 90% од ученичките во руралните средини во Македонија изостануваат од училиште 4 до 5 дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, додека 75% од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена во текот на месецот, поради истите причини.

Причината за тоа лежи  во: несоодветни услови за управување со менструалната хигиена на училиште/работно место и високата цена на чинење на средствата за управување со неа. Во Македонија само во едно приватно училиште има услови/објекти за УМХ, во општина Велес, а во ниту едно училиште нема соодветни производи за УМХ (сапун, тоалетна хартија, вода) ниту пак соодветни места за остранување на отпадоци од УМХ.

На прашањето дали имаат услови за одржување на менструалната хигиена на работа/училиште, 90 отсто од испитаниците одговориле негативно, а 25 %  одговориле дека работат на отворено и немаат пристап до тоалети.

На прашањето „Какви хигиенски средства користите за управување со менструалната хигиена?“, над 80 отсто одговориле дека користат хигиенски влошки, 5 отсто дека користат тампони, додека 15 отсто одговориле дека не користат никакви хигиенски средства за време на месечниот циклус, односно се снаоѓаат со текстилни само-направени влошки или хартија/весници. За менструалните чашки одговориле дека знаат само три испитанички, но никој не користел, а 63% од жените одговориле дека би користеле хигиенска влошка за повеќратна употреба. Најголем процент од нив веруваат дека една таква влошка би била по со попристапна со цена, а 30% би ја користеле и поради намалување на загадувањето.

Зачудувачки е податокот дека во Македонија, во 21 век нема кадеда се набават влошки за повеќекратна употреба, како и менструална чашка. Во моментов нашите сограѓанки менструалната чашка можат да ја порачаат само он лајн од единствената компанија која ги нуди, додека во соседна Бугарија во апотеките има избор на 35-50 вида менструални чашки, чија цена се движи од 300 -1500 денри, времетраењето на една ваква чашка е до 10 години, а загадувањто на животната средина од неа е сведено на нула.

Податоците од истражувањето ги мотивираа претставниците на НЧП да повикаат на намалување на цената на хигиенските влошки, намалување на даночната стапка за хигиенските влошки. Тие не се луксузна стока, а и управувањето со менструалната хигиена треба  да влезе во родовото буџетирање (сите јавни институции/училишта да овозможат достоинствено управување со истата). Тоа значи во секој тоалет или барем еден да ги задоволува стандардите – да има вода, тоалетна хартија и кутии за селектирање на отпадот.

Истовремено, експертскиот тим на НЧП  испровоциран од податокот дека во Македонија девојките/жените најчесто користат влошки, 80% од испитаниците, а речиси воопшто, односно само 3 испитанички слушнале за менструалната чашка   се ангажира околу идејно решение за одржлива, повеќекратна, влошка. Тие предложија влошка за повеќекратна употреба (нејзиниот состав и предлог за нејзино производство) која беше прифатена како  најдобро решение на единствениот научен собир за оваа проблематика во Тампере, Финска. Она што охрабрува е што веќе се  јавија неколкумина македонски компании кои се заинтересираа да ја произведат и со тоа да влијаат на намалување на цената за управување со менструалната хигиена,  ќе го намалат загадувањето на животната средина,  а самата влошка предвидено е да има протективна улога врз репродуктивното здравје на жената.

Влошката е замислено да биде произведена од 4 слоја, од исклучиво органски материјали и нејзиниот „рок“ на употреба да биде од 8 до 12 месеци. Цената на една ваква влошка не би требало да биде повисока од 300 денари, па ако ја поделиме на 12 месеци цената на чинење за месечно управување со менструалната хигиена би се намалило за неколку пати.

Само колку за илустрација, жената во текот на својот репродуктивен живот фрла од 11.000  до 13.000  влошки или тампони, кои според досегашниот состав се тешко разградливи. Искомерцијализираните тампони и влошки може да содржат груби хемикалии вклучувајќи пестициди и диоксин, сериозен загадувач на околината. Во депониите, овие супстанци може да стигнат до подземните води, предизвикуваат загадување и негативно влијаат врз здравјето.

НЧП ги повикуваат локалните бизнисмени и заинтересирани страни да започнат производство на хигиенска влошка за повеќекратна употреба, со што, покрај тоа што ќе влијаат на управување со менструалната хигиена од сите, ќе влијаат на намалувањето на болестите поврзани со репродуктивното здравје на жената, како и на намалувањето на загадувањето на животната средина предизвизвикано од отпадот.

ИстражувањеМенструална сиромаштија (1)