ГОии „Вистински дела на љубезност“ и „Новинари за човекови права“ денеска ја презентираа публикацијата „ Не фрлајте, донирајте! Храната е ограничен ресурс„ на завршната конференција на проектот  „Мобилизација на заедницата во борба против гладот“ . Станува збор за субгрантиран проект преку „ВСС ЕФЕКТ: Градење капацитети и подобрување на надлежностите за ублажување (со храна) на сиромаштијата“, финансиски поддржан од страна на Европската комисија.

На конференцијата беа споделени резултатите од истражувањето на компании за дистрибуција и продажба на храна. Резултатите покажуваат дека сопствениците на продавници за храна не се свесни за можностите, има низок степен на познавање на регулативата за донирање на храна и непознавање/немање соодветни мерки за мотивација на донаторите.

Имплементаторите на проектот детектирале неколку клучни проблеми: непостоење законска регулатива за искористувањето на вишокот на храна, немање свест кај компаниите, но и кај голем дел од граѓаните за потребата од донирање на вишокот храна и губењето храна, немање стратегија за постигнување на целта 12.3 од целите за одржлив развој во која се вели дека секоја држава треба да го преполови фрлањето храна до 2030 година и немање емпатија, желба за тоа.

Истражувањето е направено во периодот од октомври до декември минатата година со цел да се изврши мапирање на компаниите кои би можеле да бидат потенцијални донатори на храна врз основа на репрезентативен примерок.

Според ФАО, Северна Македонија се наоѓа на осмото место во светски рамки по количините фрлена храна според бројот на жители. Податоците кои јавно се пласираат говорат дека и кај нас се фрлаат огромни количини на храна која во најчест случај се нарекува – вишок. Фрлената храна во Северна Македонија има потенцијал да нахрани околу 13.000 граѓани со три оброка дневно. И додека од една страна имаме висок процент на т.н. вишок на храна, истовремено има над  400.000 граѓани кои имаат проблем да обезбедат храна.

Целата конференција може да ја проследите ТУКА.

Публикацијата „ Не фрлајте, донирајте! Храната е ограничен ресурс„, може да  ја најдете тука.

Проектот „Мобилизација на заедницата во борба против гладот“, е поддржан преку програмата за мали грантови на проектот „ВСС ЕФЕКТ: Градење капацитети и подобрување на надлежностите за ублажување (со храна) на сиромаштијата“, финансиски поддржан од страна на Европската комисија.