Медиумите се важен актер во превенцијата и борбата против трговијата со луѓе бидејќи тие придонесуваат кон подигање на јавната свест и истражување на причините и статистиката на овој феномен. Со цел да се решат предизвиците на медиумското известување за трговија со луѓе за прв пат во Северна Македонија, на 3 и 4 септември 2020 година, со иницијатива на заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа за спречување и борба против трговија со луѓе во Северна Македонија , се одржа онлајн обука за трговија со луѓе со истакнати локални новинари, репортери и медиумски професионалци. Претставникот на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика ја водеше обуката, фокусирајќи се на водечките принципи за известување од страна на медиумите за трговија со луѓе. Размените и групните вежби ги проширија разбирањето и вештините на новинарите во врска со ова злосторство.

Г-ѓа Елена Петреска од (ICMPD) во детали ја објасни разликата помеѓу трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти и ја истакна важноста на употребата на соодветна терминологија во известувањето за медиумите. Таа нагласи дека „трговијата со луѓе бара присуство на три елементи: акција, средство и цел за експлоатација, додека шверцот е прашање на финансиска трансакција со цел да се премине граница“.

Г-ѓа Наташа Доковска од Здружението на новинари за човекови права истакна дека „Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за акција против трговија со луѓе и има обврски во врска со ова“, охрабрувајќи ги новинарите да се распрашуваат кај соодветните институции за тоа како се спроведува Конвенцијата.

Г-ѓа Елизабета Велјановска-Најдеска, искусен новинар заклучи дека „заштитата на приватноста и личните податоци на жртвите на трговија со луѓе е неопходна со цел да се обезбеди нивна заштита и безбедност“.

Овој настан е организиран како дел од „Хоризонталeн инструмент за Западен Балкан и Турција II“, иницијатива за соработка кофинансирана од Европската унија и Советот на Европа и спроведена од Советот на Европа, чија цел е да им помогне на корисниците во Југоисточна Европа да ги почитуваат стандардите на Советот на Европа и законодавството на Европската унија во рамките на процесот на проширување. Имплементиран е во соработка со ICMPD.