Пилот-проектот – Систем за рано предупредување за исчезнати деца има за цел да ги подобри постојните пристапи и да најде нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и зајакнување на правата на засегнатите лица преку размена на искуства од државите од регионот и Европа-кажаа претставници на  здружението „Новинари за човекови права“ за време на онлајн промоцијата на проектот.

Александра Радевска, проектен координатор од „Новинари за човекови права“ денеска на средбата посочи дека за проектот успешно да се спроведува, ќе се потпрат и на австриско искуство, бидејќи таков систем во Австрија веќе постои, како што постои и во многу други држави во светот. Според Радевска, најпознат е американскиот систем каде што првпат беше воведен. Исто така, го има и во државите во регионот, Грција, Бугарија, Романија, Италија..

Пилот проектот – Систем со рано предупредување за исчезнати деца, како што рече Радевска, во нашата држава ќе вклучува повеќе активности, меѓу кои се ангажирање на засегнати страни преку обуки и размена на добри практики од искуства од Европа и регионот, подготовка на прописи, подобрување на мрежи и безбедност на интернет преку иновативни техники, развој на алатки за онлајн безбедност и пилотирање на систем за рано предупредување за исчезнати деца.

-Бидејќи забележуваме дека се поголем број деца исчезнуваат, но за жал не можат доволно добро и достојно да се следат, во таа ситуација некои од нив стануваат жртви на насилство, експлоатација и трговија со деца. Причините се сиромаштијата, невработеноста, семејното насилство, кои што е малку потешко да се следат во овој период на пандемија, а тука на удар секако се најмногу одредени маргинализирани групи, додаде Радевска.

Таа додаде дека групата на ромската популација се особено изложени на ризик да бидат трговани, а користењето на дигитални уреди кое се зголеми во време на пандемијата, е исто така ризик за злоупотреба.

-Делумно поради недостиг на знаење во управување со дигитални алатки се зголемува и ризикот да бидат злоупотребени децата преку онлајн медиумите, да бидат регрутирани за трговија со деца, што е повторно значително поголем ризик за деца од ранливи категории. Ние како партнери на проектот инициравме да работиме заедно да ги заштитиме децата од исчезнување и да спречиме да им се наштети на погодените, рече Радевска.

Како што напомена, размената на знаење со сите загегнати страни и на институционално ниво, но и споделувања на искуства од Европа ќе помогнат да се идентификуваат и да се насочат клучните иновативни алатки, како што се системи за рано предупредување, да се подобри дигиталната писменост, и некои иновативни алатки во тој сегмент, политиките за заштита на децата, да се работи со деца како јавни чинители, но и потреба за меѓусекторска соработка.

-Нашето законодавство во овој сегмент се уште не е транспонтирано во европска легислатива за трговија со луѓе. Ние сме една од државите во регионот која нема механизми и системи за рано предупредување на исчезнати лица, додаде Радевска.

Астрид Винклер, од партнерската организација „ECPAT Австрија“ денеска на средбата напомена дека се надева оти овој проект ќе биде успешен, а како што рече, кога станува збор за темите од овој вид, соработката на различни засегната страни е клучна.

-Во Австрија ние се фокусираме на кампањи, подигање на свеста, истражувања и вмрежувања кои се многу важни. Ние ќе споделиме важни практики од Австрија, но главните информации се од Новинари за човекови права. Имаме централизирани тела за борба против трговија со луѓе, но и експертизи за сите проблеми поврзани со трговија со луѓе, а исто така и работиме на воведување на специјализиран центар за трговија со деца, рече Винклер.

Претставникот на Федералното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи, Харалд Фугер посочи дека ја поддржува оваа иницијатива и напомена дека е предизвикувачка, но со вклучување на сите засегнати страни, истата ќе биде многу успешна.

– Ја поддржувам оваа иницијатива, честитки за имплементацијата на проектот, секогаш е предизвикувачки, но сигурен сум дека сите институции ќе дадат свој инпут и дека проектот ќе биде успешен. Овој проект нема да можеме да го реализираме доколку немаме поддршка и соработка од сите институции, потенцира Фугер на денешната почетна средба.

Иницијативата ја поддржаа и останатите учесници на средбата, претставниците од Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, експертите за права на децата, како и невладини организации кои работат на заштитата на правата на децата во земјава.

Според нив процесот на размена на искуства, но и меѓусекторската соработка се потребни за подобрување на постојните системи за борба против трговијата со деца, а вклученоста на медиумите треба да биде една од главните алатки во овој процес на воспоставување на систем за рано предупредување за исчезнати деца.

Пилот-проектот се спроведува во партнерство со „ECPAT Австрија“, а е започнат од 1 јули оваа година и ќе се спроведува до 31 декември 2022 година. Финансиски е поддржан од Федералното Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.