Со споделување на искуствата и резултатите од проектните активности проектните партнери АНТИГОНЕ – Информативен и документациски центар за расизам, екологија, мир и ненасилство од Грција, Новинари за човекови права од Северна Македонија, и Амалипе Центар за меѓуетнички дијалог и толеранција од Бугарија, и претставници на наставната заедница од трите држави на завршната конференција која се одржа онлајн на 15 ноември на платформата Зум, го заокружија проектот „Споделување на знаење, справување со контроверзии во училиштата во Грција, Северна Македонија и Бугарија“.

Проектните партнери ги презентираа клучните продукти развиени во рамките на овој проект, на алатката за обука на Советот на Европа за справување со контроверзии „Управување со контроверзии. Развој на стратегија за справување со контроверзии и предавање на контроверзни прашања во училиштата“ преведена на локалните јазици, 8-часовна програма за обука, Едукативен прирачник и електронска алатка за наставната заедница од трите држави, кои ќе бидат достапни за широката наставна заедница преку интернет страници на локалните јазици, како и на англиски јазик, а со цел да придонесат кон развивање на мирна и инклузивна училишна средина во трите партнерски земји (Бугарија, Грција, Северна Македонија).

Вкупно 606 претставници од наставната заедница, од 11 региони од Грција, 6 региони од Бугарија и 7 региони од Северна Македонија, беа дел од тренинзите во проектот кој се спроведуваше од 01 март до 15 декември 2021 година, во рамки на Заедничката програма Democratic and Inclusive School Culture on Operation (DISCO), поддржан од финансирани од страна на Совет на Европа и Европската унија.

Претставници на локалната наставна заедница (наставниците, директорите на училиштата, административците итн. во основното и средното образование) ги споделија своите позитивни искуства од обуките и алатките кои ќе им помогнат да ги искористат контроверзните прашања како можност за демократски дијалог и активно учество во контекстот на нивните училишта.

– Преку интерактивните работилници во рамки на овој проект и преку размена на искуства научивме дека контроверзиите постојат во училиштата и се неизбежен дел од нашата работа, но дека за нив треба да се разговара, да се дискутира и да се бара решение да се надминуваат. Научивме дека постојат неформални алатки што можат да ни помогнат да ги детектираме контроверзиите, правилно да пристапуваме кон нив и да ги вклопиме во реализација на содржини по сите наставни предмети. Со помош на тие алатки се овозможува учениците за дадени прашања да дискутираат слободно и без притисок, да го искажат сопственото мислење и да имаат право да не се согласуваат со туѓото мислење. На наставниците пак, овие неформални алатки им даваат можност да експериментираат со учениците, да истражуваат на различни теми за кои претходно можеби имало отпор и биле забранети или табу – посочи на завршната конференција Весна Терзиоска, педагог од ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, Охрид.

За важноста од справувањето со контроверзиите зборуваше и Елена Ел-Нади, директор во ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, Охрид која посочи дека „како училиште се обидуваме да ги детектираме контроверзните ситуации и соодветно да им пристапуваме, а обуките што ги помина поголем дел од нашиот колектив во рамки на овој проект, секако дека ќе ни помогнат тоа да го направиме уште подобро.“

На истиот став е и Анита Стојческа, специјален едукатор и рехабилитатор од ССОУ „Киро Бурназ“ од Куманово, која посочи дека бенефитот е особено голем за самите ученици кои се запознаваат со начините на мирно комуницирање и справување со конфликти.

Преку проектот, освен наставната заедница и децата и учениците адолесценти беа запознаени со начините на мирна комуникација, соработка и ненасилно решавање на конфликти. Широката образовна заедница стана свесна за важноста на демократското образование за човекови права и беше охрабрена да промовира алтернативни образовни практики кон инклузија.

Предизвик останува неподготвеноста на училиштата да спроведат целосна стратегија за справување со контроверзии што ги вклучуваат сите нејзини членови (административен, наставен и ненаставен кадар, ученици, родители), како и недостатокот на можности за учесниците на наставниците од 3-те земји за длабока интеракција и размена на искуства и идеи за справување со контроверзноста со оглед на ограничувањата за директна комуникација поради Ковид-19 пандемијата.

Проектните партнери посочија дека овие тренинзи ќе продолжат и по завршување на проектот со сите наставни заедници кои изразиле интерес, а развиената  „библиотека“ со информации и едукативен материјал за справување со контроверзии на училиште (и друг материјал поврзан со образованието за човекови права), ќе биде збогатена и достапна за да помогне при справување со контроверзните прашања и промовирањето на образованието за човекови права. Предизвик останува и задоволувањето на интересот од други специјалисти во пошироката област на образованието да се обучат – едукатори за млади, психолози, едукатори во вонучилишни контексти, медијатори за решавање конфликти, образовни, интеркултурни посредници во заедницата итн.

Овие нови алатки ќе бидат достапни за широката наставна заедница во земјава во печатена форма, како и во електронска верзија на веб страната на Новинари за човекови права.