Новинари за човекови права во рамки на проектот Буџет мама, ффинансиран од ПМГ ГЕФ,  на 5 и 6 Мај ја спроведоа првата работилница за подготовка и шиење на влошка за повеќекратна употреба.  Во текот на посетата во Прилеп и Кривогаштани, остварија работна средба со партнерот  ЛАГ Агро Лидер каде се говореше за проектните активности, се разгледа агендата за тренингот на жени од ранливи категории, се направија техничките проверки; се исконтактираа сите учеснички за потврда на присуството и о. Кривогаштани за потврда на користење на сала.

Организациите разговараа за заинтересираноста на целните групи за активностите, можноста за промоција на проектот и следните чекори.

Новинари за човекови права гостуваше во локалното радио ПЕЛА –  каде со новинарката Гордана Цветаноска, Александра Радевска и Андреа Накова  говореа за проектот, планираните активности, важноста за отворен дијалог на овие теми, плановите за креирање и патентирање на менструална влошка за повеќекратна употреба и можноста за социјално претприемништво со овој производ. Целото гостување може да се погледне тука.(22:00-44:30).

Беше остварена средба со директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп, Дејан Тошески. На средбата беше истакната важноста на активности од овој тип, вклучување на ра

нливите категории на групи на жени од Пелагонискиот регион во социјалното претприемништво и нивно граѓанско активно учество во општеството. Од страна на директорот, беа споделени предизвиците со кои секојдневно центарот се соочува со оваа целна група; недостатокот од законски регулативи за креирање на социјални претпријатија и недостатокот на поддршка на жени – претприемачки/фирми – поединци.

Следно, тимот на НЧП и Скриениот херој во секое дете, заедо  со ЛАГ Агро Лидер посети дел од учесничките на тренингот, разговараше за предизвиците со кои се соочуваат, потешкотиите кои ковид период ги има нанесено, начини на излез од истите, зачетоци на претприемништва на дел од жените во домашни услови.

На вториот работен ден во просториите на о. Кривогаштани тимот на НЧП се запозна подобро со учесничките, отвори можност меѓусебе да се запознаат и вмрежат; го опиша проектот – целите и очекувањата; се разговараше за стравовите – дискриминацијата, исмевањето и неприфаќањето на опкружувањето за овој тип на социјално претприемништво и креирање на производ кој сеуште се смета за табу.

Се раскажа за минатото и историјатот на производите за менаџирање на менструална хигиена, напредокот на истите и денешницата; предностите и недостатоците на секој од нив. Се говореше за алтернативните решенија, еко-решенијата. Се дискутираше дали овие производи се навистина иновација или откритие или само подобрување на производите кои се користеле во минатото. Учесничките активно споделуваа свои мислења и искуства.

Голема беше заинтересираноста за отворање на свои бизниси – претприемништва и креирање на производи од овој тип, па вториот дел од денот беше посветен на креирање на прототип на менструална влошка за повеќекратна употреба. Се исцртуваа шаблони, се кроеше, се споделуваа идеи за закопчување, пакување, промовирање и продавање на производот.

На крајот на  работниот ден се повторија целите и очекувањата од утрото, се воспостави дека се постигнати, се говореше за идните планови за шиење на влошката и можностите за нејзино сертифицирање и продажба на малиот и големиот пазар во државата.

По завршување на тренингот, НЧП имаше гостување во живо на радио Холидеј каде се говореше за активностите на проектот, негова промоција, бенефитот на ранливите категории жени од проектот и можноста за започнување социјални бизниси. Емисијата може да се слушне тука.

 

 

Проектот „Зголемување на свесноста за менструалниот отпад и инклузија на ранливи групи на жени преку производство на повеќекратна менструална влошка во РСМакедонија – Буџет мама“ е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), ГО Новинари за човекови права, WECF и програмата Women 2030.

Дополнителни информации

ГЕФ ПМГ Северна Македонија (www.gefsgpmacedonia.org.mk)

Во Северна Македонија ГЕФ ПМГ официјално започна со работа во мај 2005. Во периодот 2005- 2021 финансирани се 153 проекти (133 предлог проекти и 20 планирачки грантови) со вкупно доделена сума 2,919,096 САД$ и генерирајќи кофинансирање во износ од 3,211,351 САД$. При тоа се остварени следните резултати во централните области: Биодиверзитет: In-situ заштитени 15 автохтони и глобално значајни видови: 1. Лилјаци 2. папрат Osmunda Regalis 3. Овца Праменка, 4. Крава Буша, 5/6. Локален вид на јаболка (циганка) и круша (сулија), 7/8. македонска речна пастрмка и речен Вретенар (Zingel Balcanicus), 9. Македонска пчела (Apis mellifera macedonica), 10. Жолт локвањ (Nuphar luteum), 11. Воден Бивол 12. Шарпланинец, 13. Домашна кокошка сребра, 14. Домашното магаре и 15. Домашната балканска коза; Климатски Промени: прв систем за изнајмување на велосипеди (Скопје), прво производство на биодизел, 12 Енергетски ефикасни училишта, енергетски ефикасно осветлување во 8 градови, намалување на 1200 Тони CO2/год и Неразградливи органски загадувачи НОЗ/хемикалии: околу 30% од пластичен отпад е попречено од горење и на тој начин е спречено испуштање на емисиите на диоксини/фурани во воздухот, селектирани и рециклирани 50.000 кг пластичен отпад, од 2020 финансиски помага за прв пат собирање и правилно расклопување на користени неонски сијалици, е-отпад; од 2021 користење на текстилниот отпад и користена облека во нови производи, дијагностика и поправка на електронскиот отпад – расипани мали домашни апарати,  компјутери и мобилни телефони и нивно повторно користење

Глобален еколошки фонд ГЕФ (www.TheGEF.org)

ГЕФ обединува 183 земји во партнерство со меѓународни институции, невладини организации и приватен сектор со цел да се адресираат глобалните еколошки проблеми истовремено поддржувајќи национални одржливи развојни иницијативи. Денеска ГЕФ е најголем финансиер на проекти кои ја подобруваат животната средина. Како независна финансиска организација, ГЕФ обезбедува грантови за проекти од областите на биолошка разновидност, климатските промени, меѓународни води, деградација на земјиштето, озонската обвивка и хемикалии/неразградливите органски загадувачи.

Од 1991, ГЕФ остварува докажани резултати со земјите во развој и земјите со економии во транзиција, доделувајќи 119 САД$ милијарди во кофинансирање преку 5,186 проекти во над 164 земји. Преку Програмата за мали грантови, ГЕФ обезбеди поддршка на преку 25000 проекти на здруженија во 133 земји

Програма на Обединетите Нации за развој (www.undp.org)

Програмата на Обединетите Нации за развој е присутенa во 170 земји и територии со цел да се искорени сиромаштијата истовремено заштитувајќи ја планетата. Им помага на земјите да развијат силни политики, вештини, партнерства и институции за да можат да го одржат својот напредок. Исто така соработува со сите нивоа на општеството за да помогне во изградбата на нации кои можат да издржат кризи и да поттике подобрување на квалитетот на животот за секого. Како развојна агенција na Обединетите Нации игра значајна улога со помош на земјите да ги достигнат Одржливите развојни цели.

ГЕФ Програма за мали грантови ПМГ (www.sgp.undp.org)

Основана на Самитот за планетата Земја во Рио во 1992, ГЕФ ПМГ поддржува здруженија на граѓани – ЗГ во нивните активности кон намалување на климатските промени, конзервација на биолошката разновидност, заштитата на меѓународните води, намалување на влијанието на хемикалиите/ неразградливите органски загадувачи, спречување на деградацијата на земјиштето и истовремено генерирајќи одржлива егзистенција. Ги втемелува основите на одржливиот развој преку „мисли глобално делувај локално“. Овозможува финансиска и техничка поддршка за зачувување и заштитување на животната средина зајакнувајќи ја благосостојбата на заедниците. ПМГ покажува дека локаната акција може да ја одржи рамнотежата помеѓу човечките потреби и еколошките цели.Од своето постоење ПМГ има доделено над 25.000 грантови во 133 земји. Финансирана од ГЕФ како корпоративна програма, Програмата за мали грантови – ПМГ е спроведувана од УНДП.