Намалувањето на ДДВ-то од 18% до 5 % на менструалните производи е сигнал дека државата се грижи за своите граѓанки

Во пресрет на денешната седница на Собранието на РСМакедонија, на  која на дневен ред е Предлог Буџет на Република Северна Македонија за 2023 година, претставници на  НВО Новинари за човекови права, која седум години се залага за намалување на ДДВто на менструалните производи од 18 на 5 отсто, испрати писмо до пратениците на Собранието и од нив бара без одлагање  да го изгласаат Амандманот за намалување на ДДВто на производите за менструално здравје.

Само колку за потсетување, Новинари за човекови права со група други грашански организации во Мај оваа година испрати писмо до министерот за финансии со Барање за измена на Закон за данок на додадена вредност, како и барање за Предлог Закон за субвенционирање на пакети за менструално здравје за ученички кои се во репродуктивниот период.

За жал, и покрај ветувањата, од министерот Бесими не добивме никаков одговор.

Во писмото до македонските парламентарции, претставниците на Новинари за човекови права побараа да го изгласаат Аманданот #7 – 08-5363/1 – Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка (/7), со цел повластена ставка на производите за менструално здравје и со тоа да и се врати достоинството и самодовербата на секоја жена и девојка/ученичка.

Само колку за потсетување, како резултат на немање пристап до услови за управување со менструалното здравје, девојчињата и жените заостануваат во општеството, со што се попречуваат нивните можности за еднаквост и учество во јавниот живот, заштитени со Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW). Во Северна Македонија податоците покажуваат дека во 74 училишта тоалетите не биле реновирани 15 години,  а 64 училишта не биле реновирани од 10 до 15 години[1], што доволно говори за пристапот до санитација. Жените се почесто се соочуваат и со проблем при  пристап до производи за управување со менструалното здравје, а работничките кои работат на отворено немаат никаков пристап до санитација.

Новинари за човекови права во своите настојувања никој да не остане запоставен во пристапот до средства за управување со менструалното здравје, бара измена во Законот за данок на додадена вредност и Предлог Закон за субвенционирање на пакети за менструално здравје за ученички кои се во репродуктивниот период.

Со Законот за данок на додадена вредност се воведува данокот на додадена вредност и се уредува неговото пресметување и плаќање. Данокот на додадена вредност, како општ потрошувачки данок, се пресметува и се плаќа во сите фази на производство и трговија, како и во целокупниот услужен сектор. Предметот на оданочување на данокот на додадена вредност е прометот  на добра  и услуги, а дел од овие добра спаѓаат и менструалните производи (влошки, тампони и менструални чашки). Менструалните производи, според овој закон, се оданочуваат според општата даночна стапка, која изнесува 18%.

Според спроведеното истражување од страна на Здружението на Новинари за човекови права, од 1290 испитанички, на возраст од 14 до 48 години,  од рурални и урбани средини, 29,5 % од испитаничките одговориле дека немаат пристап до менструални производи за регулирање на нивното месечно менструално здравје, а 95% од нив одговориле дека немањето на пристап се должи на високата цена на менструалните производи. Жените/девојките во Северна Македонија месечно просечно трошат 250 денари по лице за купување на производи за лична хигиена за време на циклусот. Доколку некоја од жените остане дома, користи боледување, тогаш цената на месечно ниво се искачува и до 1000 денари, во зависност од висината на дневница. Со цел да се овозможи пристап на менструални производи до сите жени без разлика на финансиски примања и социјална припадност, БАРАМЕ да се направи измена во чл. 30 од Законот за ДДВ, со што менструалните производи (влошки, тампони и менструални чашки), ќе бидат оданочени со повластена даночна стапка од 5%. Oвие производи е потребно да се оданочат на исто ниво како фармацевтските производи, бебешките пелени и лековите, бидејќи менструалните производи претставуваат здравстена неопходност исто како и горенаведените производи, a управувањето со менструалнто здравје е едно од основните човекови права.

Намалувањето на ДДВ-то од 18% до 5 % е сигнал дека државата се грижи за своите граѓанки и ги почитува основните човекови права меѓу кои е и правото на менструално здравје, но со негово намалување сумата што ќе се намали е околу 30 денари на месечно ниво или 360 денари годишно. Од  друга страна, пак, државата ќе биде ускратена со 13% помалку пари од ДДВ-то за менструални производи. Математички изразено тоа е еднакво на 400.000 жени во репродуктивен период кои трошат во просек по 250 днеари месечно е еднакво на сто милиони денари (100.000.000 денари), од оваа сума сега на ДДВ одат 18.000.000 денари, а со намалување на ДДВ-то од 18% на 5%, во државната каса на месечно ниво би влегувале помалку 13.000.000 денари или околу 211.000 евра. Намалените приходи кои влегуваат во државната каса се незначителни споредени со можноста да се обезбеди еднаков пристап на сите жени до менструалните производи и со тоа да се подобри нивнот живот и здравје.

Во Северна Македонија голем број на девојчиња отсуствуваат од училиште два до три дена во месецот, поради немањето на пристап до менструални производи, со што се врши дескриминација во однос на обезбедувањето на непречено образование кон ученичите од женски пол наспрема нивните соученици од машки пол. Паралелно со ова, Северна Македонија како една од земјите членки на ООН е обврзана на постигнување на ЦоР до 2030, меѓу кои е и целта 6.2 во која меѓу другото се вели дека државите треба да обезбедат непречен пристап до управување со менструалното здравје.

 

[1] https://24.mk/details/25-minuti-rechisi-140-uchilishta-ne-gi-renovirale-toaletite-povekje-od-10-godini