НВО – Новинари за човекови права со подршка на Британската амбасада во Скопје го започна проектот “Да ја искорениме менструалната сиромаштија“. кој има за цел до 2023 г. сите девојчиња вклучени во редоцниот образовен процес да добиваат бесплатни пакети за управување со менструалната хигиена. Една од целите на проектот е и имплементација на меѓународните стандарди за управување со менструалната хигиена, а со тоа подразбира да има: доволен број на тоалети, тие да бидат пристапни за сите, кабините да имаат простори за миење раце, хартија и сапун, да обезбедуваат приватност и безбедност, како и во нив да е минимизиран ризикот од насилство, тоалетите да бидат лесни за чистење, соодветни на локалните културни и социјални услови, возраста и полот, како и да имаат соодветни кутии за селектирање на отпадоци при управувањето со менструалната хигиена.
Пилот проектот се реализира во 2 основни училишта во Тетово и во Ресен и покрај подигнувањето на свеста кај учениците на оваа тема, ќе се адаптира по еден тоалет според стандардите за УМХ. Паралено со ова ќе се започен со делење бесплатни пакети за управување со менструалната хигиена.
„Лошото управување со менструалната хигиена може да доведе до широк спектар на негативни последици, вклучувајќи здравствени, психосоцијални и образовни последици. Одлучивме да започнеме еден мал проект кој ќе се реализира во две училишта, во Општина Тетово и Ресен каде што ќе се обидеме практично да ви објасниме што би значело управување со менструалната хигиена според меѓународните стандарди“, вели Наташа Доковска, координатор на проектот во Новинари за човекови права.
Ричард Малион од Британската амбасада во Скопје, вели дека недостатокот на производи за менструална хигиена влијае на образованието на девојките.
Преку пример објасни за подвигот на Амика Џорџ, девојка од Велика Британија, која ја натерала Владата да примени нови закони, а од следната година, државата да стане прва земја во Европа која ќе овозможи бесплатни производи за менструална хигиена во сите училишта во земјата.
„Шокирана дека девојчињата не одат на училиште затоа што не можат да си дозволат да купат производи за менструална хигиена, реши да направи нешто што ќе го промени овој факт. Таа започна со петиција и ги искористи социјалните медиуми за да собере поддршка за нејзината кампања која потенцираше дека менструалната сиромаштија им го одзема правото на образование на девојките“, рече Малион.
Тој додава дека Британската амбасада во Скопје го финансира овој проект, поради тоа што во Северна Македонија, процентот на девојки кои не одат во училиште за време на нивната менструација е 90%, додека во урбаните средини тој изнесува 75%.
„Несоодветните услови за управување со менструалната хигиена во училиштата и високата цена на производите се најчеста причина зошто девојките не одат на училиште. Овие девојки пропуштаат 2 до 5 дена во месецот“, вели Малион.
Македонија е втора држава во Европа, по Велика Британија, каде се делат бесплатни пакети за управување со менструална хигиена на сите девојчиња вклучени во редовниот образовен процес.