Новинари за човекови права и оваа годинa ќе ги одбележи овие датуми, а во рамките на својата програма ќе апелира до локалните власти дека безбедноста на жената/девојката е важна во сите сфери на живеењето, па и во пристапот до санитација. Имајќи во предвид дека во нашата држава нема функционални, јавни тоалети, јавно ги повикуваме локалните Власти да овозможат правичен пристап на жените во јавни, безбедни и функционални тоалети.
Оваа година со поддршка на компанијата Aqualux ќе организираме герила акција на 3ти декември, пред јавен тоалет во Скопје…Следете не!
Само колку за потсетување „16 дена активизам против насилството врз жените“ е глобална кампања што се обележува од 1.700 организации во над 100 земји. Кампањата започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а завршува на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.
Кампањата 16 дена опфаќа четири важни меѓународни датуми кои ги поврзуваат жените, насилството и човековите права:
25 ноември – Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените
1 декември – Светски ден за борба против сидата
3 декември – Меѓународен ден на лицата со посебни потреби
6 декември – годишнина од масакрот во Монтреал
10 декември – Меѓународен ден на човековите права
25 ноември е прогласен за Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените на првиот состанок на феминистките од Латинска Америка и Карибите (Феминист Енкуентро) одржан во Богота во 1981 година. На средбата, жените зборувале за семејното насилство, силувањето и сексуалната злоупотреба и насилството што го трпат жените под режими, вклучително и тортурата и насилството врз политичките затвореници. 25 ноември е избран за ден на сеќавање на сестрите Мирабел (Патрио, Минерва и Марија Тереза) кои биле брутално убиени од диктаторот Рафаел Трухиљо во Доминиканската Република во 1960 година.
Во 1999 година, Обединетите нации со Резолуција 54/134 официјално го потврдија 25 ноември како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените.
Кои биле сестрите Мирабел?
Сестрите Патриа, Минерва, Марија Тереза и Деде се родени во Доминиканската Република. Под името „Las Mariposas“ (Пеперутки), тие дејствувале како политички активисти и станале видлив симбол на отпорот кон диктаторскиот режим на Трухило. Поради нивните револуционерни активности и борбата за демократија и правда, неколкупати биле апсени заедно со нивните сопрузи. На 25 ноември 1960 година, Минерва, Патриа и Марија Тереза биле егзекутирани од тајната полиција на Трухиљо додека Руфино де ла Круз ги возеше да ги посетат нивните затворени сопрузи во Пуерто Платон. Сите три сестри биле задавени, а телата биле пронајдени со скршени коски. Веста за нивното убиство го шокирала и разбеснела народот. Бруталната ликвидација на сестрите Мирабел бил еден од настаните што придонеле за заострување на движењето против режимот на Трухило. На 30 мај 1961 година, Трухиљо бил убиен, а кратко потоа неговиот режим паднал.
Сестрите Мирабел станаа симбол на националниот и феминистичкиот отпор.
На 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Овој датум се одбележува од 1992 година, кога Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се повикуваат сите земји да го одбележат денот со цел да се промовираат и да им се овозможи на лицата со попреченост подеднакво да ги уживаат човековите права и еднакво да учествуваат во општеството. Овој ден е повод да се сврти вниманието на проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, пред се сиромаштијата, високата невработеност и исклученоста од општеството.
На 1 декември се одбележува јавната поддршка за развој на програми за спречување на ширењето на инфекцијата, обезбедување едукација и подигање на свеста за прашањата за ХИВ/СИДА. Историјата на датумот датира од 1988 година, кога на самит, министрите за здравство од целиот свет повикаа на социјална толеранција и подобра размена на информации за болеста. Светскиот ден за борба против СИДА-та има за цел да ја зајакне глобалната борба против оваа пандемична болест.
На 6 декември се одбележува годишнината од масакрот во Монтреал за да се одбележи 6 декември 1989 година, кога 25-годишниот Марк Лепин, вооружен со полуавтоматска пушка и ножеви, уби 14 жени и рани тринаесет лица (девет жени и четири мажи) на Канадскиот универзитет во Монтреал, извикувајќи „Вие сте жени, ќе станете инженери. Вие сте орда феминистки. Ги мразам феминистките“, а потоа изврши самоубиство. Марк Лепин сметал дека студентките се виновни што не бил примен на отсекот за машинско инженерство на Универзитетот. Тој оставил писмо во кое ја објаснува својата омраза кон феминистките со список од 19 истакнати жени кон кои негувал посебна омраза.
На 10 декември 1948 година, владите ги признаа човековите права на сите на „живот, слобода, безбедност итн. без разлика“, на потпишувањето на Универзалната декларација за човекови права. Овој датум е пресвртница во модерната историја кога народите во светот се обединија за да стават крај еднаш засекогаш на геноцидот што се случи за време на Втората светска војна. Универзалната декларација за човекови права е едно од првите значајни достигнувања на Обединетите нации, која како документ ја претставува основната филозофија на правно обврзувачките меѓународни инструменти создадени по 1948 година.
Организациите и поединците го гледаат Меѓународниот ден на човековите права како можност да го одбележат потпишувањето на овој историски документ и да ги промовираат принципите што тој ги поставува. „Меѓународниот ден на човековите права е можност да се покаже дека принципите на Универзалната декларација за човекови права не се само теорија и апстракција“, рече Мери Робинсон, виш комесар за човекови права.