Борба против омраза и нетолеранција во Северна Македонија
12.07.2024-31.03.2025
„Новинари за човекови права“ (НЧП), во рамките на акцијата на Советот на Европа „Борба против омразата и нетолеранцијата во Северна Македонија“, дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, го спроведува проектот „Борба против омраза и нетолеранција во Северна Македонија“. Целта на проектот е да одговори на широко распространетите проблеми со дискриминацијата, говорот на омраза и нетолеранцијата во локалните заедници во Северна Македонија.
Повикувајќи се на препораките од мониторинг телата на Советот на Европа, проектот има за цел да ги адресира овие предизвици преку спроведување на насочени интервенции. Овие интервенции се дизајнирани да бидат во согласност со принципите утврдени во споменатите документи, вклучително и Препораката на Комитетот на министри за борба против говорот на омраза, Општите политички препораки (GPRs) на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ECRI), како и други релевантни стандарди.
Севкупната цел на проектот е да придонесе кон создавање на инклузивни и толерантни локални заедници во Северна Македонија преку ефикасна борба против говорот на омраза и дискриминацијата. Со спроведување на препораките и насоките наведени во референтните документи, проектот има за цел да поттикне средина во која индивидуи од различни потекла можат да коегзистираат мирно и да ги остваруваат своите права без страв од дискриминација или прогон.
Обединети против говорот на омраза: Подигањето на свеста како клуч за инклузивно општество во Северна Македонија
Борбата против говорот на омраза е еден од најважните аспекти во заштитата на човековите права и промоцијата на општествената кохезија. Говорот на омраза не само што поттикнува дискриминација и насилство, туку и создава длабоки поделби во општеството. Препораката за општа политика на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) бр. 15 претставува значаен чекор во борбата против говорот на омраза и воспоставување на правна и институционална основа за справување со овој феномен, вклучително и важноста на подигањето на свеста.
Оваа препорака ја нагласува потребата од внимание кон превентивните активности и едукацијата, истакнувајќи ја улогата на јавноста, медиумите, образовните институции и граѓанското општество. Секој од овие актери има клучна улога во подигнувањето на свеста и промоцијата на толеранцијата. Кога станува збор за ЛГБТИ заедницата, која често е цел на говорот на омраза, потребни се дополнителни кампањи и иницијативи за едукација на јавноста за нивниот придонес, права и значење во едно инклузивно и праведно општество.
Во Северна Македонија, каде што свеста за овие прашања е сè уште на ниско ниво, активностите за подигнување на свеста се од суштинско значење. Секој обид за промоција на разбирање и прифаќање во општеството има потенцијал да ги промени предрасудите, да ги намали непријателските ставови и да создаде простор за поголема меѓусебна почит. Токму ваквите активности овозможуваат спроведување на Препораката бр. 15, со што се гради и зајакнуваат институциите кои функционираат врз принципите на еднаквост и инклузивност.
Активностите за подигање на свеста, како што се иницијативи за информирање на јавноста, едукативни програми, медиумски обуки и форуми, можат да одиграат значајна улога во разбивање на стереотипите кон ЛГБТИ лицата и да придонесат за создавање на безбедна и пријателска средина за сите граѓани, независно од нивната сексуална ориентација или родов идентитет. За успешно спроведување на овие активности, неопходна е поддршка од владата и медиумите, додека граѓанските организации имаат клучна улога во иницирањето и водењето на ваквите кампањи за подигање на свеста.
Во рамки на своите напори за подигање на свеста за оваа тема, НЧП најавува започнување на Правна клиника, која ќе има за цел да ја подобри правната заштита на жртвите на говор на омраза и дискриминација, како и да ги засили заложбите за застапување кои водат до промени во политиките.
Говорот на омраза претставува предизвик кој бара системски и долгорочен пристап за да се постигнат трајни промени. Преку континуирана едукација и активности за подигање на јавната свест, Северна Македонија може значително да напредува во намалувањето на говорот на омраза и во воспоставувањето на инклузивно општество засновано на меѓусебно почитување и толеранција.
Проектот е финансиран од акцијата “Борба против омразата и нетолеранцијата во Северна Македонија”, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа – “Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција”.
Трендови на медиумското покривање на ЛГБТИ заедницата во Северна Македонија
Во македонските медиуми, известувањето за ЛГБТИ заедницата варира помеѓу неутрален и негативен тон, со релативно мал удел на позитивни приказни. Анализата покажува дека повеќе од 45% од содржините што ја вклучуваат ЛГБТИ заедницата имаат негативен тон, додека околу 35% од вестите се неутрални. Само 20% од медиумските содржини во врска со ЛГБТИ заедницата носат позитивен контекст, нагласувајќи ги правата и прифаќањето.
Негативниот тон, кој најчесто се поврзува со дискусии за дискриминација или со стереотипни наративи, создава пречки за разбирање и инклузија. Неутралната содржина најчесто ги прикажува ЛГБТИ лицата без емоционален набој, пренесувајќи настани или факти, но без суштинска поддршка за нивните права и позитивни придонеси. Позитивните приказни, иако малубројни, главно се фокусираат на лични и професионални успеси на ЛГБТИ лицата, што е охрабрувачко, но недоволно за промена на јавната перцепција.
Овие резултати ја нагласуваат потребата од поголема инклузија на медиумски стратегии и кампањи за подигнување на свеста, кои ќе ја поддржат ЛГБТИ заедницата и ќе ги намалат предрасудите. Преку вакви активности, медиумите можат да одиграат клучна улога во промоцијата на социјалната кохезија и прифаќањето на различностите во македонското општество.
Оваа иницијатива е развиена со финансиска поддршка од Европската унија и Советот на Европа. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот(ите). Изразените ставови на никаков начин не можат да се сметаат за официјално мислење на Европската унија или Советот на Европа.