Добредојдовте во Центарот  „ГНЕЗДО“–  место што од денеска не е само зграда, туку вистински дом, засолниште и симбол на надеж за децата и семејствата во социјален ризик.

Ова е ден што сите ние долго го сонувавме. Ден во кој идејата родена меѓу петмина вработени vo НЧП, во партнерство со организацијата ЕКПАТ Австрија, конечно доби тело и душа. Но ова немаше да биде можно без поддршката на Федералното Министерство за труд, социјална политика, здравство и заштита на потрошувачите на Австрија. Благодарност од срце!

Посебно сакам да се заблагодарам на директорот на Центарот за социјални работи на Град Скопје, г. Хамза Амети, кој имаше слух за нашата визија и ни го довери просторот кој го претворивме во ова што денес го гледате. Од стара барака до топол и функционален центар – ова беше возможно благодарение на неуморната работа на тимот, но и на сите оние кои веруваа во нас.

Низ овие 3 месеци, вложивме љубов, време, средства и енергија. И резултатите се тука – „ГНЕЗДО“ ќе биде секојдневно отворено за децата и нивните родители, ќе нуди едукација, психосоцијална поддршка, но и простор за дружба, учење и сигурност.

Длабока благодарност до сите донатори, компании и индивидуалци кои веќе помогнаа, но и до оние кои веќе покажаа интерес да соработуваат со нас – а тие се повеќе од десетина на број, што е за нас навистина охрабрувачки сигнал дека општеството сака да се вклучи.

Почнуваме да учиме од самиот почеток, преку кутиите за селекција на отпад – со што испраќаме јасна порака дека се грижиме и за животната средина, а децата тука ќе учат уште од најмала возраст како да селектираат и да почитуваат природата.

И, на крај, но не и помалку важно – огромна благодарност до нашите уметници. Десетина автори се одазваа на нашата покана да учествуваат во тивката аукција што ќе се одржи вечерва. Со нивната поддршка, уметноста станува глас на солидарноста и дел од нашата мисија.

Почитувани,
Ова гнездо е отворено за сите што веруваат во љубовта, грижата и можноста за нов почеток. Да продолжиме да го градиме ова гнездо – заедно.

А, како од идеја и стара барака, направивме пријатно место за сите, погледнете во видеото…