Јавна дебата за фемицидот

Организатор: Новинари за човекови права
Датум: 24.09.2025

Локација: Центар Гнездо

Дебатата ја отвори Александра Радевска, менаџер за застапување во Новинари за човекови права, а воведно излагање имаше Наташа Доковска, програмска директорка на Новинари за човекови права, која потенцира дека во Македонија убиствата на жени поради нивниот пол не се третираат експлицитно како посебно кривично дело, и дека е време државата да преземе јасни законски мерки.

Во воведното обраќање зборуваше и адвокатот Срѓан Амет, кој од лично искуство со застапување на жртви и нивни семејства укажа дека во практиката често недостасува препознавање на родово мотивираната природа на убиствата.

Дискусија и учесници

Во дебатата учествуваа претставници од:

  • Министерството за правда, кои потенцираа дека во тековните измени на Кривичниот законик се воведуваат промени поврзани со убиство по род, но дека терминот „фемицид“ сè уште не се споменува експлицитно;
  • Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, кои ги споделија предизвиците во заштитата на жртвите и недостигот на капацитети за засолништа;
  • Граѓански организации, кои истакнаа дека Македонија сериозно заостанува зад европските и регионалните примери, каде фемицидот веќе е препознаен како посебно кривично дело (Кипар, Малта, Италија, Федерација БиХ).

Заклучоци и барања

На дебатата се усогласија следниве заклучоци и барања:

  1. Да се поднесе иницијатива во новиот Кривичен законик поимот „фемицид“ да биде експлицитно вклучен како посебно кривично дело, со јасна дефиниција и соодветни санкции.
  2. Да се воведе обврска за водење статистика за фемицид, со цел следење на трендовите и креирање политики за превенција.
  3. Да се предвидат обуки за полицијата, обвинителството и судиите за препознавање и правилна квалификација на фемицид.
  4. Да се зголеми бројот на засолништа за жртви на семејно и родово базирано насилство, согласно стандардите на Истанбулската конвенција.
  5. Да се обезбедат итни мерки за заштита на жртвите и потенцијалните жртви, вклучително електронски алки за насилниците и построга контрола на забраните за приближување.

Средбата ја потврди итната потреба од законско препознавање на фемицидот во Македонија и ја отвори вратата за понатамошна соработка меѓу институциите, правната фела и граѓанскиот сектор.