На 10 септември во Неапол, Италија се одржа финална конференција на проектот „Future Chronicles“(Идни хроники). Во „Europe Direct Napoli“ се собраа истражувачи, новинари и млади луѓе од цела Европа, на завршната меѓународна конференција на проектот, со што се финализираше двегодишната работа посветена на родово-базираните дезинформации, медиумската писменост и демократското учество.
Утринскиот дел го отвори Амалија Раниери од „Sinergie“, координатор на проектот), правејќи осврт на сè што беше постигнато во текот на проектот: онлајн курс за обука од 90 часа, бесплатниот прирачник „Reading to Break Free“ (Читаме за да се ослободиме), подкаст на шест јазици, како и серија работилници и јавни дебати одржани во сите шест партнерски земји.
Истражувачката Кејт Санер го постави тонот на денот со приказна од Ерменија – како една лага поврзана со родовите прашања своевремено го закочила донесувањето на закон наменет за заштита на жените, и што тоа открива за начинот на кој навистина функционираат дезинформациите. По неа, новинарот Џан Марко Пасерини го следеше патот на таа иста дезинформација до нејзиното денешно присуство – во нашите „фидови“ (feeds) на социјалните мрежи, на платформите и во содржините низ кои поминуваме без посебно размислување.
По кратката пауза, Александра Радевска од „Новинари за човекови права“ зборуваше од лична перспектива, споделувајќи го своето искуство во справувањето со родовите стереотипи и предрасуди како новинарка. Себастијан Мелгрен (Traces&Dreams) го заокружи утринскиот дел со фокус-група, делејќи ги учесниците во помали групи за да разговараат за тоа како младите можат да покренат прашања за безбедноста на интернет пред возрасните во нивната околина.
Потоа, зборот им беше даден на оние кои две години активно учествуваа во проектот – младите учесници од Италија, Романија, Шпанија, Словачка, Шведска и Северна Македонија – кои споделија што за нив значеле овие две години, работилниците, локалните дебати и разговорите што ги надминаа границите.
Благодарност до сите што беа дел од ова патување – во Неапол, шесте партнерски држави и насекаде каде што допре овој проект.


