Постојат јасни и недвосмислени докази кои ја покажуваат глобалната контаминација на животната средина, дивиот свет и човечката популација од PFAS — најупорните хемикалии создадени од човекот досега. PFAS претставуваат неприфатлив ризик за сегашните и идните генерации поради нивната екстремна упорност и научните докази што ја поврзуваат изложеноста со штетни влијанија врз дивиот свет и човечкото здравје.

Постојат илјадници различни PFAS соединенија. Меѓутоа, загрижувачки е што само неколку од нив моментално се регулирани на ниво на Европската Унија или глобално, иако многу побезбедни алтернативи веќе постојат или се во развој.

Сепак, постои регулаторно решение – универзалната PFAS рестрикција (uPFAS), предложена од Данска, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска, објавена од Европската агенција за хемикалии (ECHA) во 2023 година. Со усвојувањето на оваа рестрикција, Европската Унија има можност да биде лидер во иновациите и да изгради економија од 21 век која не се потпира на штетно загадување на сметка на јавното здравје и екосистемите од кои зависиме.

Што се PFAS?

PFAS (пер- и полифлуорирани алкилни супстанции) се големо семејство од повеќе од 4.700 хемикалии создадени од човекот, според дефинициите на OECD од 2018 година. Од нивното воведување во доцните 1940-ти години, PFAS се користат во сè поголем број производи за широка потрошувачка и индустриски примени – од амбалажа за храна и облека, до електроника, авијација, противпожарни пени, па дури и во производи за „чиста транзиција“ како што се топлотни пумпи и системи за ладење кај електрични возила.

Тие се користат поради нивната способност да одбиваат и масти и вода, како и поради нивната исклучителна стабилност и отпорност на високи температури – благодарение на јаглеродно-флуорната врска. Но токму оваа врска – најсилната во органската хемија – е причината за нивната екстремна упорност во животната средина, поради што PFAS се нарекуваат „вечни хемикалии“.

Осум причини зошто PFAS мора да бидат забранети

Факт 1: Широката употреба на PFAS создаде неповратено токсично наследство на глобална контаминација.

Факт 2: PFAS загадувањето веќе ги погодува заедниците во жариштата на загадување низ Европа и пошироко.

Факт 3: PFAS се акумулираат во нашите тела и телата на нашите деца.

Факт 4: Изложеноста на PFAS претставува сериозна закана за човечкото здравје.

Факт 5: PFAS загадувањето ја поттикнува кризата на биодиверзитетот и климатската криза.

Факт 6: PFAS претставуваат закана за нашата питка вода.

Факт 7: Присуството на PFAS во производите создава пречка за кружната економија и претставува нерешен отпаден проблем.

Факт 8: Решенија без PFAS веќе постојат или се во развој, но сепак PFAS продолжуваат непотребно да се додаваат во многу производи за потрошувачи.

Сите PFAS мора да бидат ограничени како една група за да се заштитат сегашните и идните генерации. Регулацијата на секоја хемикалија поединечно трае предолго и носи ризик една штетна супстанција да биде заменета со друга. Универзалната PFAS рестрикција мора да се усвои без нови исклучоци – вклучувајќи ги и флуорополимерите.

Новинари за човекови права заедно со над 100 организации го потпиша Манифестот за итен крај на „вечните хемикалии“ PFAS.