Прес-конференција по повод 28 Мај – Меѓународниот ден за менструална хигиена
На прес-конференцијата организирана по повод Меѓународен ден за менструална хигиена, програмската директорка на Новинари за човекови права, Наташа Доковска, заедно со Азрета Таировска, го претставија најновиот извештај за менструална хигиена, пристап до менструални производи и институционална поддршка во Северна Македонија.
Во рамки на настанот беше промовиран и Menstrual First Aid Kit – иницијатива која има за цел да обезбеди основни менструални производи и поддршка во училиштата, факултетите и работните средини.

Истражувањето, спроведено на примерок од 2.700 испитанички, покажува дека менструалната сиромаштија и понатаму претставува сериозен проблем:
- 55.6% од испитаничките изјавиле дека пропуштиле училиште или работа поради предизвици поврзани со менструацијата.
- 55.6% сметаат дека санитарните услови не се соодветни за безбедно и достоинствено справување со менструацијата.
- Иако 85.2% имаат редовен пристап до менструални производи, 11.1% се соочуваат со недостапност, а 3.7% имаат повремен и несигурен пристап.
- Дури 77.8% никогаш претходно не слушнале за Menstrual First Aid Kit.
- Сепак, повеќе од 90% покажуваат подготвеност за користење на ваков пакет кога би бил достапен.
Овие податоци покажуваат дека менструалното здравје не е само здравствено прашање, туку и прашање на образование, достоинство, еднаквост и човекови права.
Преку промоцијата на Menstrual First Aid Kit, испраќаме порака дека ниту едно девојче, ученичка или жена не треба да биде оставена без основни услови за достоинствено справување со менструацијата.
