Со промоција на анализата и донесените заклучоци и препораки на завршната конференција на 15 април во Скопје беше заокружен  Регионалниот проект „Зајакнување на одговорноста и родово чувствителните одговори на локалните власти на кризи во 3 земји“, имплементиран од 3 граѓански организации: Здружение на жени Природа-Братунац, Босна и Херцеговина и Младинско здружение Бечеј-Бечеј, Србија и Новинари за човекови права, Скопје-Северна Македонија. Проектот беше спроведен во 24 локални заедници/општини или 8 општини во секоја проектна земја.

Општата цел на проектот е да се зголеми транспарентноста и одговорноста за родовата еднаквост и родово чувствителните одговори на локалните власти на кризи и климатски промени во 3 земји од Западен Балкан.

Во Северна Македонија, Здружението на Новинари за човекови права, Скопје го спроведе проектот во 8 мали до средно развиени општини по една од секој плански регион: Виница, Дебар, Демир Капија, Дојран, Јегуновце, Кратово, Ресен и Чучер-Сандево во соработка со повеќе граѓански организации во овие локални заедници. Во овие општини, организациите кои соработуваа спроведоа истражување за тоа како економската криза влијае на еднаквите можности и родовата еднаквост.

Врз основа на анализата на истражувањето и на донесените поединечни и општи заклучоци и препораки, создадена е платформа за дејствување, со дефинирани чекори за кампањи во секоја земја и во регионот.

Според резултатите од анализата во осумте македонски општини опфатени во истражувањето заклучокот укажува на неколку заеднички проблеми и предизвици во процесот на родово одговорно буџетирање: недоволно учество во локалните самоуправи, ранливост на жените и недостиг од поддршка за ранливите групи, а во повеќето општини недостасуваат социјални и економски можности, како и програми за зајакнување и поддршка на жените на ранливите групи и недостаток на родова свест. Недостаток на инфраструктура и социјални услуги, што дополнително ја влошува состојбата на жените и ранливите групи. Проблемите со кризни ситуации во кои жените се посебно погодени и координацијата на локалните самоуправи, како и вклучувањето на родовите аспекти и промовирањето на родовата еднаквост, го забавуваат спроведувањето на родовата политика. Генерално, заклучоците ја нагласуваат потребата од инклузивни и родово одговорни буџетски политики, со поголема свест, учество на жените и ГО, како и социјални инвестиции кои ќе ја подобрат положбата на жените и ранливите групи во овие општини.

Следствено на овие заклучоци се дадени и низа препораки на ниво на таргетираните општини. За да се подобри РОБ во општина Виница, неопходно е да се зголеми учеството на жените во процесите на донесување одлуки, да се подобри транспарентноста и свеста за буџетските процеси и да се обезбедат финансиски средства за поддршка на најранливите групи. Подобрувањето на инфраструктурата и социјалните услуги, како и креирањето стратегии за управување со кризи чувствителни на родот, ќе придонесе за подобра вклученост и повисок квалитет на живот за сите граѓани, особено за жените во руралните средини.

Општина Дебар се соочува со значителни предизвици во областите како што се економската и социјалната поддршка за жените, како и во спроведувањето на родово одговорни практики на буџетирање. За да се подобри РОБ, неопходно е да се зголеми учеството на жените во одлучувањето, да се подобри свеста за буџетските процеси и да се развијат конкретни програми за поддршка на жените, особено во руралните области. Поддршката на економскиот развој, социјалната интеграција и подобрената здравствена инфраструктура се клучни за создавање еднакви можности за сите граѓани.

Општина Демир Капија има потенцијал да стане поинклузивно и родово чувствително место, но за ова е потребно систематско инвестирање во образованието, транспарентност и развој на политики кои ќе ги земат предвид специфичните потреби на жените и другите ранливи групи. Клучните области за подобрување вклучуваат економско зајакнување на жените, подобрување на здравствената и социјалната инфраструктура и зголемување на нивното учество во процесите на донесување одлуки преку поактивно учество во буџетски консултации и јавни дебати.

За да постигне подобри резултати во РОБ, општина Дојран треба да ги вклучи жените и граѓанските организации во сите фази на буџетирање, да го зголеми финансиското учество на сите засегнати страни и да се фокусира на специфичните потреби на жените, особено во контекст на социјалните услуги, здравството и образованието.

За да се постигне РОБ во општина Јегуновце, неопходно е да се зголеми учеството на жените и ГО во одлучувањето, да се подобрат здравствените и социјалните услуги за жените и другите ранливи групи и да се инвестира во инфраструктура која ќе ја поддржи нивната економска и социјална сигурност. Посебен акцент треба да се стави на развојот на руралниот туризам и претприемништвото за жените, за нови економски можности и за поттикнување на одржливиот развој на општината.

За да се постигне РОБ во општина Кратово, неопходно е да се зголеми учеството на жените и граѓанските организации во одлучувањето, да се инвестира во економски и социјални програми кои ќе ги поддржат жените и другите ранливи групи, како и да се развие инфраструктура која ќе овозможи подобрување на квалитетот на животот, особено во време на криза. Постои потреба да се интегрира родовата перспектива во сите аспекти на општинското планирање и буџетирање.

За подобрување на РОБ во општина Ресен, важно е да се создадат механизми за поголемо учество на жените и ГО во процесите на одлучување и буџетирање, да се развијат стратегии за економски развој со фокус на жените и руралните средини и да се обезбеди соработка со ГО со цел да се зголеми поддршката за ранливите групи. Неопходно е да се подобри свеста на граѓаните за родово одговорно буџетирање и да се активираат ресурсите за поддршка на жените, особено во руралните области.

За подобрување на РОБ во општина Чучер-Сандево, неопходно е да се зголеми свеста за буџетските процеси и да се воведат родово сензитивни политики кои ќе ги земат предвид специфичните потреби на жените и ранливите групи. Неопходно е да се стимулира активното учество на жените во локалната самоуправа и да се инвестира во програми кои ќе овозможат економски развој, здравствена и социјална заштита на жената, особено во руралните средини.

Општ заклучок од анализата во сите три земји и опфатени 24 општини е дека сите општини вклучени во проектот се соочуваат со многу слични проблеми: недоволна информираност кај граѓаните и недоволна доверба во властите, недоволно учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки, преку јавни дебати и транспарентност во трошењето на буџетот, недоволна поддршка за жените и младите, недоволно развиени механизми за родова еднаквост, недостаток на поддршка за ранливите групи, а во повеќето општини недоволно социјални и економски можности, како и програми за зајакнување и поддршка на жените од ранливи групи и општ недостаток на родова свест. Следните проблеми се однесуваат на недостатокот на инфраструктура, здравствена инфраструктура и социјални услуги, што дополнително ја влошува положбата на жените и ранливите групи, невработеноста, зголемената сиромаштија, нееднаквоста и економската нееднаквост. Во кризни ситуации, жените и постарите луѓе се особено ранливи. Сите овие проблеми негативно влијаат на процесите кои придонесуваат за одговорност на властите и родово чувствителните одговори на локалната власт на кризи, како и на процесот на родово одговорно буџетирање.

Врз основа на таквите заклучоци препораките кои се однесуваат на сите три земји се следните:

  • Потребно е да се зголеми учеството на жените и воопшто на граѓаните во процесите на донесување одлуки, да се подобри транспарентноста и информираноста за буџетските процеси и да се обезбедат финансиски средства за поддршка на најранливите групи.
  • Потребно е да се работи на подобрување на инфраструктурата, здравствената инфраструктура и социјалните услуги, како и на креирање родово чувствителни стратегии за управување со кризи.
  • Потребно е да се подобри свеста за буџетските процеси и да се развијат специфични програми за поддршка на жените, особено за економско зајакнување на жените во руралните средини.
  • Потребно е систематско инвестирање во образованието, транспарентноста и развојот на политиките што ќе ги земат предвид специфичните потреби на жените и другите ранливи групи.
  • Потребно е да се интегрира родовата перспектива во сите аспекти на општинското планирање и буџетирање.
  • Потребно е да се воведат родово одговорни критериуми за распределба на буџетот и да се продолжи да се работи на сензибилизирање на буџетот на секоја општина. Потребна е сеопфатна информативна и едукативна кампања за поимот и значењето на родово одговорното буџетирање.
  • Потребна е потранспарентна работа на општинската администрација (објавување јавни расправи и други механизми за учество на граѓаните)
  • Потребно е да се планираат ресурси за транспарентен и адекватен одговор на локалната власт на кризи.
  • Потребно е да се работи на партнерства меѓу општините и граѓанските организации кои работат во нив, со цел поефикасно и поефективно решавање на проблемите на граѓан(к)ите.
  • Потребно е да се работи на усвојување или измена на локалните политики во согласност со потребите на жените и мажите во локалната заедница
  • Потребна е повеќе работа за застапување на интересите на маргинализираните групи (млади, жени, стари лица, лица со попреченост, невработени, социјално ранливи).
  • Потребно е да се спроведат кампањи за формирање и (или) поефикасно и транспарентно работење на институции како што се здравствени установи, центри за социјална работа, како и бироа за вработување.

Проектот е поддржан со средства од Австриската агенција за развој (АДА) и Шведската меѓународна агенција за развој (Сида) во рамките на проектот Gender Budget Watchdog Network II, односно во рамките на Мрежата за набљудување на родови буџети.  Австриската агенција за развој (АДА), оперативна единица на Австриската развојна соработка, е договорен партнер кој го поддржува овој проект, а Центарот за истражување и креирање политики од Скопје е главен имплементатор на проектот.

Повеќе детали за секоја општина поединечно, како и општите заклучоци и препораки може да се проследат во анализата која е јавно достапна онлајн и на следниот линк:

http://jhrmk.org/wp-content/uploads/2025/04/analiza-za-zajaknuvane-na-odgovornosta-i-rodovo-chuvstvitelni-odgovori-na-lokalnite-vlasti-na-krizi-vo-3-zemji-od-zapaden-balkan.pdf

Анализата е достапна онлајн на англиски јазик и на следниот линк:

http://jhrmk.org/wp-content/uploads/2025/04/analysis-on-strengthening-accountability-and-gender-sensitve-responses-of-local-authorithes-to-crises-in-3-countr.pdf