Во периодот од 5 до 8 мај 2026 година, во Павиа, Италија, се одржа втората мобилност (Mobility 2) во рамки на проектот TransmigrationS, со учество на партнерските организации: Journalists for Human Rights (JHR), Babele ODV, ACATHI и e-graine Nouvelle-Aquitaine (EGNA).
Средбата комбинираше активности за проектен менаџмент, едукативни сесии и тематски обуки посветени на миграцијата, психологијата и LGBTQIA+ миграциите. Главната цел беше зајакнување на партнерската соработка, споделување знаења и развој на заеднички пристапи за промовирање на човековите права, антирасизмот и социјалната кохезија.
Во текот на мобилноста учесниците работеа на активности насочени кон градење инклузивна и безбедна работна средина, истражување на различни аспекти на социјалниот идентитет и разбирање на влијанието на различните општествени позиции и привилегии врз секојдневниот живот и професионалната работа. Особено внимание беше посветено на интерсекционалноста и важноста од препознавање на различните животни искуства и перспективи.
Обуките овозможија продлабочување на знаењата поврзани со миграциските процеси, психолошките аспекти на миграцијата и предизвиците со кои се соочуваат LGBTQIA+ мигрантите. Учесниците имаа можност да разменат практични искуства, методологии и алатки кои ќе ги применуваат во понатамошните активности на проектот.
Во рамки на состанокот беше дискутирано и за понатамошните активности на проектот, вклучувајќи го развојот на Travel Journal, комуникациските активности и подготовките за следната мобилност која ќе се одржи во Скопје во септември 2026 година.
Мобилноста во Павиа уште еднаш ја потврди важноста на меѓународната соработка и заедничкото учење во создавање поинклузивни општества и градење силни партнерства кои работат на промовирање на човековите права и социјалната правда.
