Од 04 до 14 септември 2025 година се одржа третиот Nyéléni форум, глобална средба на движењата за право на храна и суверенитет на народите. Форумот собра претставници од сите континенти, кои дискутираа за системските кризи – војни, климатски промени, корупција и експлоатација на природните ресурси – и нивното влијание врз сиромаштијата, здравјето и правото на достоинствен живот.
Наташа Доковска, како претставник на Новинари за човекови права и на Светскиот марш на жените, учествуваше во овој значаен процес. На наше инсистирање, рударската индустрија беше препознаена како една од клучните причини за зголемувањето на сиромаштијата и за намалувањето на плодното земјиште во многу региони. Овој заклучок ја отвори дискусијата за тоа како екстрактивните индустрии го уништуваат правото на земјоделците и локалните заедници да произведуваат храна, директно загрозувајќи го основното човеково право – правото на храна.
Заклучоците од форумот јасно повикаа на:
-
зајакнување на борбата за правото на храна како универзално признато човеково право;
-
отпор кон корпоративното заробување на земјата, семето и водата;
-
солидарност со заедниците кои се најпогодени од климатската и еколошката криза.
Nyéléni останува симбол на глобалната борба за храна која не е стока, туку право. Нашата заедничка обврска е да обезбедиме дека идните генерации ќе имаат пристап до здрава, локално произведена и праведно распределена храна.