Новинари за човекови права во наредните шест месеци ќе го имплементира проектот насловен „Подигање на глас за невидливата работна сила“ во рамките на проектот: „Спречување и борба против трговија со луѓе во Северна Македонија“, кој е во рамките на иницијативата за соработка на ЕУ и Советот на Европа за Западен Балкан и Турција.

Хоризонталeн инструмент за Западен Балкан и Турција“ (Horizontal facilities II) 2019-2022 г.

Трговијата со луѓе за трудова експлоатација е глобален феномен: може да влијае на секој регион, земја и економски сектор.

Северна Македонија според последниот извештај што се однесува на спроведувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе продолжува да биде земја на потекло, транзит и дестинација на жртвите од трговија со луѓе.

Целта на проектот е е да се подигне свеста на македонските граѓани за ризикот поврзан со трговијата со луѓе за трудова експлоатација, со употреба на широк опсег на алатки соодветно за различни целни групи во ризик, во земјата и во странство. И уште: да се подобри безбедноста на македонските граѓани од трговија со луѓе преку ублажување на ризикот од експлоатација, подигање на свеста за опасностите поврзани со трговија со луѓе и работа во странство, да се подобри знаењето за ваквите практики и како да се добие помош.

Што е трговија со луѓе?

Трговијата со луѓе е глобален феномен што ги погодува сите земји – земји во политичка и економска транзиција, неразвиени и земји во развој, земји во војна и пост-конфликтни земји, кои се појавуваат како земји на потекло и транзит на жртви, како и економски развиени земји кои се земји на дестинација.

Термините „земја на потекло“, „земја на транзит“ и „земја на дестинација“ не се апсолутни категории – една земја може, во конкретни случаи, да има различни улоги. Исто така, економскиот развој и богатството на земјата на дестинација не може да се набљудуваат независно од состојбата во земјата на потекло.

Трговијата со луѓе подразбира продажба и купување, т.е. држење на лице заради негова експлоатација, како и сите други дејствија што можат да бидат дел од тој процес (на пр. превоз, криење, чување, итн.). Експлоатација секогаш се случува, а експлоатацијата секогаш се одржува преку употреба на сила, закани, измама, злоупотреба на службената должност и / или злоупотреба на тешката положба, киднапирање или на кој било друг начин. Кога станува збор за трговија со деца, не е важно кои средства биле користени, т.е. зборуваме за трговија со луѓе, иако немало елементи на закани, принуда, злоупотреба на положбата и слично. Исто така, согласноста на жртвата на експлоатација не го менува фактот дека станува збор за трговија со луѓе и дека тоа е кривично дело. Целта на трговијата со луѓе е заработување пари (или некоја друга корист) преку експлоатација, без разлика дали се работи за сексуална експлоатација, присилна работа, присилно питачење, присилно вршење кривични дела, нелегално посвојување, присилни бракови, трговија со органи или друга форма. Еден од вообичаените стереотипи е дека трговците со луѓе ги изложуваат своите жртви исклучиво на сексуална експлоатација и дека се загрозени само жени и девојчиња, додека занемарени се другите облици на експлоатација, како што е трудова експлоатација, чии жртви претежно се мажи.

Што е разликата меѓу трговија со луѓе и шверц на мигранти?

При шверцувањето мигранти, целта на шверцерите е да заработат пари преку нелегално преминување на една или повеќе меѓународни граници со согласност на лицето што е шверцувано. Трговците со луѓе заработуваат преку експлоатација на жртвите во текот на долг временски период. Додека шверцот секогаш подразбира преминување на државната граница, трговијата со луѓе може да биде од внатрешна/локална природа, кога целиот процес се одвива на територијата на една држава. Не постои согласност на жртвата на трговија со луѓе на експлоатација, но нејзина послушност и учество во експлоатацијата се обезбедуваат преку закани, принуда, измама и слично. За разлика од шверцуваните луѓе, кои можат да одат каде што сакаат кога ќе пристигнат на дестинацијата, т.е. не остануваат врзани за шверцерот, жртвата на трговија со луѓе нема вистинска слобода на движење.

Сепак, треба да се има предвид дека ирегуларните мигранти се изложени на зголемен ризик од трговија со луѓе и во текот на нелегален трансфер, затоа што се целосно зависни од нивниот шверцер, и кога пристигнуваат на посакуваната дестинација, бидејќи заради нивниот нелегален статус тие се принудени да обезбедат егзистенција за себе на црниот пазар на труд без никаква заштита.

Законската рамка во Република Македонија доживеа низа на промени низ годините кои што одеа во прилог на зајакнување на борбата против трговијата со луѓе. Во февруари 2002 година беше дефинирана трговијата со луѓе како кривично дело во Македонскиот кривичен законик (КЗ) поглавјето со наслов „Кривични дела против човечноста и меѓународното право“ со воведување на Член 418-a, став 1 од Кривичниот Законик (КЗ) кој гласи:

“Тој што со сила, сериозна закана доведува во заблуди или други форми на присилба, грабнување, измама, со злоупотреба на својата положба или состојбата на бременост, слабост или физичка или ментална неспособност на друг, или со давање или примање пари или друга корист заради добивање согласност на лице кое има контрола на друго лице или на друг начин врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа лица заради експлоатација по пат на проституција или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови од човековото тело,ќе се казни со казна затвор најмалку четири години”.

Други членови од споменатиот Кривичен Законик кои се сметаат релеванти за акција против трговија со луѓе се:

Засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос“ (член 418);

– Криумчарење мигранти“ (член 418-б);

Организирање група и поттикнување на извршување акти на трговија со луѓе, криумчарење мигранти и трговија со деца” (член 418-в).

Исто така, во 2008 година е додаден нов Член 418-г став 1 од КЗ насловен како “Трговија со малолетни деца“, и направени се дополнувања на овој член со тоа што е воведена кривична одговорност на правни лица за трговија со луѓе.

Последната промена била направена во февруари 2014 година кога се направени измени во Член 418-a, став 1 и дополнувања при што, зборот „фертилизација“ е заменет со зборот “ бременост’ и „просење и експлоатација преку легална активност“ се додадени во делот на форми на експлоатација, дополнувања на КЗ споменати во ставот 14, текстот на членот 418-г, став 1 од КЗ била заменет со нов текст во кој зборот „малолетник“ е заменет со „дете“.

Македонското законодавство не содржи дефинирање на поимот жртва на трговија со луѓе како таква. Во Кривичниот Законик на Република Македонија направени се измени во 2008 година кои што го дефинираат поимот „жртва на кривично дело“ како „секое лице кое претрпело штета, физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на неговите основни слободи и права како последица на сторено кривично дело. ”

Што се однесува до трговија со луѓе за трудиова експлоатација, развиена е законска рамка, која во голема мера се состои од законодавството за борба против трговијата со луѓе и од закони што се однесуваат на трудот, одразувајќи ги меѓународните норми. Земјата ги усвои сите клучни стандарди за трудот, со исклучок на Протоколот на МОТ за принудна работа од 2014 година. Усвоени се Национална стратегија и Национален акциски план за 2017-2020, како и Стандардни оперативни процедури за третман на лица што се жртви на трговија, a eтаблиран e и Национален механизам за упатување. Конвенцијата на Советот на Европа за борба против трговијата со луѓе обезбедува рамка за идентификација и за процесот на упатување. Меѓутоа, идентификацијата на трговијата со луѓе  понекогаш е попречена поради тоа што нема консензус за индикаторите и недостига јасна разлика меѓу повредата на трудовото право (како што е повреда на законите за вработување и за дискриминација) и трговијата со луѓе со цел експлоатација на трудот (кривично право).

Кои се жртви на трговија со луѓе?

Иако некои групи се со поголема веројатност да бидат жртви од другите, факт е дека секој може да биде жртва на трговија со луѓе – мажи и жени, момчиња и девојчиња, без оглед на потеклото, возраста, националноста, образованието, социјалниот статус или другите карактеристики. Уште повеќе трговијата се зголемува со цел трудовa експлоатација!

Според GRETA во периодот од 2010-2015 во Сееврна Македонија се регистрирани 55 трговија со лица. Од нив 21 е случај на трговија со лица со цел трудова експлоатицаја, а повеќе од половина од жртвите се малолетници.

2010

Деца 80%
Возрасни 10%

2011

Деца 60%
Возрасни 50%

2012

Деца 50%
Возрасни 30%

2013

Деца 90%
Возрасни 60%

2014

Деца 60%
Возрасни 20%

2015

Деца 20%
Возрасни 10%

Во однос на родова застапеност повеќето жртви се жени. Жените најчесто се жртви на двојна експлоатација (сексуално искористување и трудова експлоатација) во индустријата за забава, особено во барови и во ресторани. Просечна врозраст на жртвите на трговија е околу 30 години, додека кај децата е околу 11 години. Жртвите во најчест случај се тргувани за период од две до две и пол години.

Услужните дејности, како земјоделството, текстилната индустрија, индустријата за обувки и индустријата за кожа, градежната индустрија и индустријата за забава се најчестите индустрии во кои ризикот од експлоатација на трудот е повисок поради често несигурната природа на условите за работа и ниските плати. Сиромаштијата, невработеноста, ниското ниво на образование, како и скорешниот значителен миграциски бран се фактори што придонесуваат за трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација. Најрзична група на трговија со лица со цел трудовата експлоација се ромската популација, мигрантите и бегалците, како и младите без квалификации. И внатрешната и надворешната трговија како еквивалент на трудовата експлоатација се подеднакво опасна за барателите на работа. Внимавајте со кого преговарате и не потпишивајте бланко договори!

Само лиценцираните агенции за вработување се местото каде треба да побарате работа, и за во земјава и за надвор од неа!

Во член 5 од Законот за работните односи е дефинирано дека „работниот однос е договорен однос меѓу работникот и работодавецот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавецот….“. Од ова следува дека доброволноста е основен принцип на работните односи и дека секаков друг однос би претставувал повреда на законот.

Законот за работните односи не вклучува дополнителни одредби кои забрануваат експлоатација на трудот.

Механизми за контрола трговците со луѓе кај возрасните користат механизми како неисплаќање на платите, прекумерни часови на работа, немање пристап до медицинска заштита, до личните документи.

Кај децата се лажните ветувања, измамите, физичката и психичката злоупотреба.

Стериотипи

Дали жртвите на трговија со луѓе за трудова експлоатација секогаш доаѓаат од сиромашни семејства и заедници?

Не. Во пракса, жртвите на трговија со луѓе за трудова експлоатација се со најразлично потекло и социјален статус. Сиромаштијата е само еден од факторите што придонесува за ранливоста и што придонесува за причините за трговија со луѓе.

Дали жртвите на трговија со луѓе за трудова експлоатација се секогаш странци?

Трговијата може да биде меѓународна / прекугранична и внатрешна / локална. Затоа жртвите не се секогаш странци или илегални мигранти. Трговијата со луѓе може да се случува во границите на една земја, а луѓето исто така можат да бидат врбувани и експлоатирани во нивната земја.

Кои се најчестите форми на трговија со луѓе?

Иако жените најчесто се продаваат и купуваат заради сексуална експлоатација и присилна проституција, жртви на трговија со луѓе можат да бидат и мажи. Мажите обично се изложени на трудова експлоатација, но можат да бидат жртви и на други форми на експлоатација. Децата се најранливата група на жртви на трговија со луѓе. Тие се експлоатирани за присилно питачење, сексуална експлоатација, присилна работа, домашна работа, присилна проституција или присилна воена служба (на пр. деца војници). Бројот на деца кои стануваат жртви на трговија со луѓе е во пораст.

Кои се трговци со луѓе?

И трговец со луѓе може да биде секој – најразличен маж и жена имаат своја улога во синџирот на трговија со луѓе, од врбување до експлоатација, а многу често тие се луѓе од доверба, роднини, дури и блиски членови на семејството, како и луѓе што жртвата ги знае веќе долго време; од друга страна, експлоатација може да врши и непознато лице со кое жртвата се сретнала додека барала работа, можност да студира во друга земја или друг град, брак, итн. Трговијата со луѓе често функционира како „семеен бизнис“ во кој секој член на семејството има улога.

Постојат неколку форми на трговија со луѓе: Сексуална експлоатација и присилна проституција; Присилна работа; Присила за вршење кривични дела; Трговија со органи (присилно отстранување на органи за продажба); Присилна работа дома; Присилни бракови.

Како луѓето стануваат жртви на трговија со луѓе за трудова експлоатација?

Жртвата честопати е вовлечена во ланецот на трговија со луѓе од страна на личност што ја познава и на која и верува: пријател, роднина, кум, сосед, тетка, дечко, сопруг, итн. Трговецот со луѓе (лице кое регрутира, посредник, работодавач, корумпиран службеник, транспортер, оној што експлоатира и организира давање услуги) ја злоупотребува довербата на жртвите и нивната желба за подобар живот. Начините на врбување се различни, креативни и променливи, но она што им е заедничко е ветување за добра работа, подобар живот и исполнување на соништата. Честопати луѓето влегуваат во синџирот на трговија со луѓе додека бараат работа, понуди за чување бебиња и учење јазик во странство или манекенски ангажман, туристички аранжмани или понуди за продолжување на образование. Интернетот исто така се повеќе се користи за врбување.

Честопати се верува дека девојчињата стануваат жртви на трговија со луѓе затоа што се наивни, но реалноста ни покажува дека прифаќаат понуди што на крајот доведуваат до трговија со луѓе затоа што не гледаат друг начин да ги решат своите егзистенцијални проблеми, да постигнат подобар живот, без насилство, живот во мир и стабилност. Понудите што ги даваат трговците со луѓе обично не се нереални – тие се само малку подобри во однос на работните услови на местото каде што живее жртвата. Трговците со луѓе ја злоупотребуваат желбата на жртвата да живее подобро, а честопати, со симулирање на љубовна врска, и нејзината желба да биде сакана.

Најчестите начини на врбување се:

Лажни деловни активности и други понуди од луѓе што жртвата ги знае или во кои има доверба.

Лажно забавување (“loverboy”) – млад човек кој се преправа дека е во љубовна врска со девојка и во одреден момент, кога ќе ја стекне нејзината доверба, ја поканува да оди со него во друга земја/град каде ќе ја проба среќата и ќе започне нов, посреќен живот.

Лажни огласи за работа во разни медиуми (весници, интернет, социјални мрежи). Работни места кои се нудат се подобро (но не нереално) платени и обезбедуваат подобри услови за работа отколку во земјата во која живее потенцијалната жртва.

Продажба од страна на семејството – понекогаш заради сиромаштија, понекогаш заради некои други проблеми, но понекогаш и затоа што родителите веруваат дека нивното дете ќе има подобар живот на друго место, не сонувајќи дека ќе стане роб.

Киднапирањето е можен, но не премногу чест начин за регрутирање за трговија со луѓе.

Како трговците со луѓе ги контролираат своите жртви?

Експлоатацијата на жртвите вклучува различни начини на кои жртвите се користат за да се постигне крајната цел на трговијата со луѓе, а тоа е да се оствари заработка за трговецот со луѓе. Во зависност од тоа дали станува збор за сексуална експлоатација, присилна работа, питачење, домашна работа или друга форма на трговија со луѓе, жртвите се соочуваат со различни форми на насилство и тортура со цел да се обезбеди целосна контрола врз нив.

Уште додека се на пат или веднаш штом пристигнат на нивната дестинација, трговците со луѓе ги одземаат документите од жртвите – наводно да ги чуваат, да „договорат“ работна дозвола и слично. Така, жртвата го губи правниот идентитет. За многу жртви, ова е прв пат да ја напуштат својата земја; тие не го знаат јазикот, не знаат каде се, не знаат што можат да направат и какви права имаат. Понекогаш тие се плашат од институциите, особено од полицијата и не сакаат од нив да побараат помош. Покрај тоа, трговците со луѓе наоѓаат начин да ги уверат дека не треба да бараат помош од полицијата затоа што полицајците се корумпирани и сите работат заедно.

Жртвата на трговија со луѓе е принудена да работи цел ден без одмор, лишена е од целата или најголем дел од својата заработка, таа нема право да се жали за работните услови, во зависност од видот на експлоатација таа има работна норма што мора да ја достигне, во спротивно не добива храна или e другa казнета.

Некои од начините на кои трговците ги контролираат своите жртви и ги спречуваат да избегаат:

Заробеништво/изолација

Трговците со луѓе често ги чуваат жртвите во заробеништво и изолација, затворени во станови/куќи/подруми и под постојан надзор. Секое нивно излегување се следи внимателно и не им е дозволено да стапат во контакт со странци без присуство на лице кое ги контролира. Откако ќе се изолираат, тие стануваат зависни од трговците со луѓе. Тие често ги преместуваат од едно до друго место за да изгубат ориентација каде се. Меѓутоа, дури и кога жртвата не е физички затворена и изолирана и кога може да се движи слободно, ако таа не може навистина да одлучи за нејзиниот живот, нејзината слобода не е реална, т.е. тоа не влијае на постоењето на трговија со луѓе.

Закана со насилство

Трговците со луѓе користат разни закани со насилство за да ги заплашат своите жртви. Тоа е, пред сè, физичко насилство, тепање, силување, итн. Трговците со луѓе исто така ги насочуваат своите закани и кон членовите на семејството и лица блиски на жртвата, нејзините деца, браќа, сестри, пријатели и слично. Жртвите често доаѓаат од општества што не би имале разбирање за фактот дека тие се жртви на трговија со луѓе, а не проститутки. Тие се плашат дека ќе бидат жигосани ако се дознае што морале да прават, или едноставно се плашат за безбедноста на своите најблиски.

Должничко ропство

Кај должничкото ропство, трговецот со луѓе ја известува жртвата дека платил за нејзиното пристигнување на дестинацијата и дека таа може да оди каде и да посака веднаш штом му ги врати парите бавејќи се со проституција. На почетниот „долг“ секојдневно се додаваат камата и наводни секојдневни трошоци за храна, стан, облека и слично. Конечно, таа сума, која расте секој ден, станува толку голема што е речиси невозможно жртвата да може некогаш да ја врати.

Износот на пари што жртвата евентуално го добива од трговецот со луѓе за својата принудна работа не е од значење кога одредена ситуација се идентификува како трговија со луѓе, сè додека се присутни другите елементи кои укажуваат на експлоатација.

Дали е присутно насилство во сите случаи на трговија со луѓе?

Не секоја жртва е изложена на физичко насилство за време на експлоатацијата во синџирот на трговија со луѓе. Трговците често ја контролираат жртвата само со употреба на психолошко насилство, т.е. преку закани за насилство, манипулација и лаги. Многу трговци со луѓе комбинираат директно насилство и психичко малтретирање. Отсуството на директно физичко насилство често се користи како аргумент дека не станува збор за трговија со луѓе и дека жртвата била во доброволен „аранжман“ со трговецот со луѓе.

Зошто жртвите на трговија со луѓе не бегаат и не бараат помош?

Самите жртви честопати не се свесни дека се жртви, сметаат дека се сами виновни за сè што им се случило, чувствуваат голем срам за работата со која се занимаваат и не знаат дека можат да побараат помош. Честопати во странска земја, со нелегален статус на престој и без лични документи, без познавање на јазикот и без социјални и семејни мрежи за да им помогнат, жртвите не гледаат друга опција освен да му веруваат на трговецот кој ги уверил дека нема кој да им помогне, дека полицијата е корумпирана и да не се обидува да избега.

Предрасуди во врска со трговијата со луѓе

Жртвата не може да се согласи на трговија со луѓе, затоа што согласноста не може да се заснова на измама или принуда или губење на контролата врз сопствениот живот или губење на личното достоинство. За постоењето на трговијата со луѓе како кривично дело, согласноста на жртвата нема никакво значење.

 „Ако некој прифати работна понуда или свесно се занимава со проституција, тогаш не можеме да зборуваме за трговија со луѓе“

Жртвите на трговија со луѓе живеат под постојана контрола и закана со насилство. Покрај тоа, трговците со луѓе ги уценуваат и се закануваат дека ако се обидат да избегаат, ќе им наштетат на нивните деца, браќа и сестри, родители...Ако сепак се обидат да избегаат и не успеат, трговците со луѓе ќе ги претепаат, понекогаш до смрт, за да ги спречат другите девојки да го пробаат истото. Меѓу другото, тоа е најубедливата причина да не се обидат да избегаат.

„Ако заглавам во синџирот на трговија со луѓе, ќе пробувам да избегам сè додека не успеам“

Трговијата со луѓе не се смета за проблем ако „само некои странци“ работат во локалните барови. Трговијата со жени, сепак, се случува и на девојки во нивните земји, кога тие се продаваат од еден град во друг.

„Само странски жени се жртви на трговија со луѓе“

Жртвите на трговија со луѓе не се секогаш свесни дека се жртви. Покрај тоа, и ако сфатат, заради недоверба и чувство на вина, нема да сакаат да ја споделат својата приказна со другите. Како што вели една жртва „Не знаејќи кому да верувам, завршив како роб. Сега ми велат дека за да бидам слободна и да добијам помош, треба да ви верувам на сите вас, тотални странци“. Секогаш она што го знаете е помалку страшно од она што не го знаете.

„Луѓето ќе побараат помош кога ќе ги идентификуваат или кога ќе сфатат дека станале жртви на трговија со луѓе“

Партнерот или сопружникот често може да се најде во улога на експлоататор, а „лажното дружење“ е добро развиен начин на врбување. Лажните бракови понекогаш се користат како средство за контрола на жртвите или како начин за обезбедување на дозвола за престој. Покрај тоа, треба да се има предвид дека е поголема веројатноста жртвата да биде регрутирана од луѓе што ги познава отколку од целосни странци.

„Нема трговија со луѓе ако жртвата и трговецот со луѓе се во врска или брак“

 

Жртвите понекогаш влегуваат во земјата на дестинација нелегално и со лажни документи, но многу често доаѓаат легално и остануваат таму врз основа на важечка туристичка виза, дозвола за работа итн. Постојат различни начини за регулирање на престојот и правниот статус на жртвите, кои се експлоатираат за да се намали ризикот да бидат откриени и депортирани. Во многу случаи, жртвите влегуваат во земјата легално, но документите им се одземаат по пристигнувањето.

„Правните мигранти не можат да бидат жртви на трговија со луѓе“

Жените и децата се најчести, но не и единствени жртви на трговија со луѓе. Мажите може да бидат жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација, и минуваат низ истите тортури и заплашувања како и сексуално експлоатираните жени и девојки.

„Жртви на трговија со луѓе се само жени и деца“

Во трговијата со луѓе во нашиот регион, киднапирањата се многу ретки. Повеќето жртви се всушност измамени или намамени да дадат доброволна соглсност на лажните ветувања за подобар живот или подобри можности за вработување во земјата на дестинација.

„Сите жртви на трговија со луѓе влегле во синџирот на експлоатација со сила и против нивната волја“

Нема профил на жртва на трговија со луѓе. Тие можат да бидат од кој било пол, возраст или потекло. Тие можат да бидат и богати и сиромашни. Иако младите луѓе без можности се изложени на најголем ризик да влезат во синџирот на трговија со луѓе, сиромаштијата е само еден елемент што овозможува да постои трговија со луѓе.

„Жртвите на трговија со луѓе секогаш потекнуваат од сиромашни семејства“

Жртва на трговија со луѓе што завршува во присилна проституција нема право на избор или одлучување за кој било аспект од нејзиниот живот, додека проституцијата може да биде свесен избор на жената. Покрај тоа, трговијата со луѓе не е само присилна проституција или сексуална експлоатација, туку вклучува и присилна работа, присилно питачење или присилно земање на органи. Жртви можат да бидат не само жени, туку и деца и мажи.

„Трговијата со луѓе и проституцијата се едно исто“

Внатрешната трговија со луѓе, каде целиот процес од вработување до експлоатацијата на човекот се одвива на територијата на една држава, е се повеќе релевантна, опасна и присутна во светот.

„Трговијата со луѓе неопходно подразбира преминување на државната граница“

Дури и ако некое лице прифати (нелегално) да емигрира во друга земја или да работи во секс-индустријата, тоа не значи дека се согласило на експлоатација и ропски услови на работа и дека не може да стане жртва на трговија со луѓе. Доколку има измама, принуда, злоупотреба на положбата и слично, наводната согласност на жртвата за експлоатација е небитна. Измамата може да се однесува и на видот на работа, но и на работните услови.

„Секоја наводна жртва на трговија со луѓе знаела во што се впушта и што всушност значи одредена „работна“ понуда и затоа не може да се смета за жртва“

Во многу случаи, жртвите на трговија со луѓе се изложени на сериозно насилство и физички ограничувања на нивната слобода на движење. Сепак, многу често нивната послушност се обезбедува преку закани, психолошки манипулации и други ненасилни начини, поради што на прв поглед изгледаат слободни да донесуваат одлуки за нивните животи. Трговците со луѓе често им даваат на жртвите мал дел од заработката за да ги врзат уште повеќе за себе.

„Жртвите на трговија со луѓе се изложени на физичко насилство, немаат никаква слобода на движење, немаат лични документи и не се платени за нивната работа“

Жртвите ретко успеваат сами да избегаат од синџирот на трговија со луѓе. Трговците со луѓе ја обезбедуваат нивната послушност и опстанок преку употреба на насилство или закана со насилство, не само кон жртвата, туку и кон нејзиното семејство. Покрај тоа, жртвите честопати се во непозната земја, без легални документи, во страв од имиграциските власти и дополнително заплашувани дека ќе одговарат за кривичните дела што ги извршиле под принуда.

„Жртвите на трговија со луѓе можат да се вратат дома во секое време и да престанат да го прават она што го прават“

Постојат многу причини поради кои лицето не сака да прифати помош и да се гледа себеси како жртва на експлоатација, што честопати може да значи одбивање да учествува во судски постапки. Сепак, таквиот став на жртвата не смее да влијае на нејзиниот статус и нејзиниот пристап до помош. Таа е сепак жртва на експлоатација и треба да и се помогне.

„Доколку жртва на трговија со луѓе одбие помош, тогаш не е жртва на трговија со луѓе“

Сексуалната експлоатација е само една форма на трговија со луѓе. Голем број луѓе се жртви на присилна работа, присилно питачење, принуда на вршење кривични дела и сл. каде нема сексуално насилство или сексуалното насилство се користи како средство за казнување, а не како профитна активност.

„Едно лице не може да биде жртва на трговија со луѓе ако не е сексуално експлоатирано“

Кликнете доле ако сте заинтересирани во дегустабилна верзија од овој артикл направена во графичка форма.

Препознај ја трговијата на луѓе за трудова експлоатација